Македонија
Сончево и многу топло со температура до 42 степена
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/07/toploten-bran.jpg)
Денеска, ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 15 до 24, а максималната ќе достигне од 36 до 42 степена. UV=10
Во Скопје сончево и многу топло со мала облачност и со умерен, повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 40 степени.
И в среда ќе се задржи многу топло време со високи утрински и дневни температури и ќе дува засилен југозападен ветер (на повеќе места над 60 km/h). Кон крајот на денот поради спуштање постудена воздушна маса ветерот ќе го промени правецот во северен и ќе продолжи да дува в четврток кога ќе има значително намалување на дневната температура за десетина степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Ахмети го обвини Мицскоски дека не го почитува легитимитетот на гласачите Албанци
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/ali-ahmeti.jpg)
Демократската унија за интеграција денеска во Тетово почна седница на Генералниот совет свикана од партискиот претседател Али Ахмети. Актуелните политички случувања во државата е темата на Советот, за што свое излагање имаше Ахмети.
Лидерот на ДУИ ги повтори обвинувањата кон ВМРО – ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски дека не го почитувале легитимитетот на гласачите Албанци.
„Ставот на ВМРО, не го оспоруваме, нивниот легитимитет. Ние го оспоруваме и ќе го демонстрираме нашето незадоволство и револт поврзано со нивната неправедна одлука во насока на непочитување на легитимитетот кој е постигнат од страна на ДУИ и Европскиот фронт. Оваа Влада нема легитимитет, нема етнички легитимитет. Ние ќе ја направиме нашата работа за да објасниме пред јавноста македонската и албанската јавност, дека оваа држава има иднина и перспектива само почитувајќи ги слободниот глас, легитимноста и ние сме победиле на овие избори“, рече Ахмети.
Според Ахмети, решенијата на Мицкоски не биле праведни и рече дека државата нема издржани политики со соседите, како со Грците, така со Бугарите.
„Ние сме биле многу отворени и искрени, промена на Уставот е неопходна, бидејќи сите граѓани добиваме од тоа во насока на забрзување на нашиот пат кон ЕУ. Секој застој во оваа насока ќе има превисока цена, како што сме ја платиле таа цена со грчката страна, може да платиме висока цена и со бугарска страна. Но, тука цената може да биде уште повисока, споредувајќи со таа со грчката страна. Бројот на граѓани со бугарско државјанство расте секој ден. Можно е пакетот за членство во ЕУ, ако ние не ги направиме неопходните чекори, тој пакет и да биде изменет, Албанија да ги отвори преговори за членство во ЕУ, а ние да останеме назад и Албанија да стане членка, а ние држава со два народа кои имаат две различни државјанства. Со бугарско и со албанско државјанство, затоа овие пресметки треба долго да се размислат пред да се зборува и да се делува“, рече Ахмети.
Од ДУИ информираа дека по завршување на седницата на Генералниот совет, заклучоците преку соопштение ќе ги достават до јавноста.
Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски почна со проектот за реконструкција на улици во Пинтија заборавени повеќе од три децении
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/orceeeeee.jpg)
Во рамки на роденденската седмица што се одвива во Општина Кисела Вода и во која синоќа беше затворено четиридневното Културно лето, секојдневно се реализираат и поголеми инфраструктурни проекти.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја посети населбата Пинтија каде започнува реконструкција на патна инфраструктура на површина од преку 5.000 квадратни метри.
Како што соопштија од Општината, станува збор за улиците „Саса 12“ и „Јабланица“ со сите нивни краци, улици кои што не биле обновени триесет години.
„Започнуваме со еден поголем проект за реконструкција на улици во Пинтија кои биле заборавени повеќе од три децении. Во периодот што е пред нас ќе работиме на улиците “Саса 12” со сите нејзини краци и на сите краци на улицата ‘Јабланица’. Ќе се врши асфалтирање и поплочување со павер елементи на површина од над 5.000 квадратни метри. Како што ветив, патната инфраструктура низ целата општина, до крајот на мојот мандат, а и порано од тоа, ќе биде обновена со што ќе овозможиме одлични услови за одвивање на сообраќајот и ќе го унапредиме квалитетот на живот во сите населби и населени места низ општина Кисела Вода“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Аврамовска-Мадиќ за изборот на претседател на СДСМ: До 14 часот, излезени се 6.706 избирачи или 28,61 отсто
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/Madik.jpg)
СДСМ денеска на вонредни внатрепартиски избори избира нов лидер на партијата. Претседателката на Централната изборна комисија за избор на претседател на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ информираше дека според пресекот направен во 14 часот, излезени се 6.706 избирачи или 28,61 отсто.
„Утринава во 8 часот се отворени 77 избирачки места, гласањето ќе трае до 20 часот. Во моментов пресекот што го направи Централната изборна комисија во 14 часот е од вкупно запишаните избирачи на избирачкиот список за избор на претседател на СДСМ, излезени се 6.706 или 28,61 отсто“, информираше Мадиќ.
Додаде дека по завршувањето на гласањето во 20 часот ЦИК ќе информира за резултатите од денешните избори, како и за вкупната излезност.
Во врска со забелешките од страна на кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, дека голем број членови на партијата не им било овозможено да гласаат, Мадиќ рече дека станува збор за мал број на гласачи кои не биле активно регистрирани.
„Станува збор за многу мал број на гласачи, на ниво на Македонија не се ни околу дваесет. Морам да напоменам дека денеска право на глас имаат сите оние кои што се запишани во избирачкиот список, активно се регистрирале на два начини, едниот е онлајн или со пријава во општинската организација и во себе поседуваат црвена членска книшка, бидејќи системски мора да гласаат преку читачот. Сите оние кои ги има во избирачкиот список, а во моментот немаат книшка ја изгубиле или е општетена, ЦИК издава членски книшки кои имаат желба да дојдат да ја подигнат преку општинската организација. Вчера имаше издавање на членски книшки и во текот на денот кажавме дека сето тоа може. Станува збор за многу мал број на лица кои тврдат активно се регистрирале, а системот не ги покажува дека на ниту еден начин биле активно регистрирани“, рече Мадиќ.
Кандидатот за нов лидер на СДСМ Јован Деспотовски денеска по гласањето во Општина Карпош изјави оти очекува дека до крајот на денот ќе се почитува принципот на демократски изборен процес, но потенцираше дека има информации за голем број на членови на партијата на кои што им било оневозможено да гласаат. СДСМ, како што рече, е политичка партија која што во ниту еден момент не смее да си дозволи своите членови да ги враќа од избирачките места.
Изборот на претседател ќе се изврши од вкупниот број на излезени, односно оној којшто ќе оствари 50 плус 1 отсто од гласовите на излезените, доколку тоа не се случи тогаш гласањето ќе се повтори во втор круг.
Избирачкиот список ќе брои вкупно 23.373 акредитирани членови на СДСМ.