Македонија
Сончево и многу топло со температура до 30 степени, од сабота локално невреме со дожд и град
Времето денеска претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 33 до 39 степени. УВ=9
Во Скопје: Сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец и температура до 38 степени.
УХМР со информација дека до сабота ќе се задржи многу топло време со натпросечна температура и со умерен, а в сабота засилен јужен ветер.
Под влијание на атмосферски фронт во сабота попладне и во ноќните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со интензивен дожд за кратко време (над 20 л/м2 за 6 часа), силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на град.
Од недела следува посвежо време со умерен, повремено засилен ветер од западен и северозападен правец.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Договорени се општите начела за идната Влада“ – заврши средбата на ВМРО-ДПМНЕ со Влен
Денеска беше остварена средба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа присутни претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Кочоска Димитриеска, како и шефот на кабинет на претседателот Владимир Нелоски, од страна не ВЛЕН беа присутни Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
„Договорени се општите начела на соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото“, објави ВМРО-ДПМНЕ по средбата.
Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање.
Македонија
Мицотакис ја повика новата Влада да го почитува преспанскиот договор: „Ако не се случи тоа, ќе имаме проблем“
Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, во интервју за грчката телевија „Алфа“ повика на почитување на Преспаснкиот договор, од страна на новата Влада.
„Истите барања постојат и сега од новото раководство на Северна Македонија. Сакам да се надевам дека она што се слушаше пред изборите нема да биде официјален став на новата влада по изборите. Затоа што ако тоа се случи, ќе имаме проблем“, рече Мицотакис, коментирајќи го тоа што ВМРО-ДПМНЕ во слоганот го користеше името Македонија.
Тој рече и дека со загриженост ги следел изјавите на функционерите на ВМРО, а сега со голем интерес го чека официјалниот став на новиот премиер за да види на кој начин ќе се осврне на името на државата.
Мицотакис додаде и дека тој лично не се согласувал со договорот од Преспа, а особено не се согласувал со, како што вели, агресивното дефинирање на македонската нација и јазик.
„Договорот сепак го прифатив во контекст на континуитетот на државата. Сфатив дека морам да го почитувам“, рече Мицотакис.
Македонија
Силјановска на нејзиниот роденден го доби уверението за претседател, ДИК и’ посака успешен мандат
Државната изборна комисија и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска Давкова, која денес го прославува својот 71. роденден.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, врачувајќи и’ го Уверението на Давкова, од име на Комисијата и’ посака успешен мандат како шеф на државата.
Претходно, на седницата во ДИК беше усвоен Заклучокот за конечност на резултатите од гласањето на изборите на 8 мај.
Државната изборна комисија утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1.814.317, вкупниот број на избирачи кои гласале бил 861.218, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња 953.121, вкупниот број на важечки ливчиња 812.899, вкупниот број на неважечки ливчиња 48.289 а процентот на избирачи кои гласале е 47.47 отсто.
Силјановска Давкова освои 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски кој има 251.899 гласови.
ДИК ќе треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат. Мандатот на Пендаровски истекува утре.