Македонија
Сончево и многу топло со температури до 39 степен

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 33 до 39 степени. UV=9
Во Скопје сончево и многу топло со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Во наредните денови следува период на многу топло време со дневна температура, која насекаде ќе биде над 30, а наместа ќе достигнува 40 степени. Во попладневните часови претежно во планинските подрачја ќе има изолирана појава на нестабилност со краткотраен дожд и ретки грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Само поранешниот министер Бектеши сè уште се држи изолиран – за да се заштитат вистинските виновници“, реагира ДУИ

„Продолжувањето на притворот за поранешниот министер Крешник Бектеши, додека другите инволвирани во истиот случај – вклучително и градоначалниците на Кочани – се наоѓаат на слобода, претставува јасен пример за селективна правда“, реагира ДУИ.
„Ова не е само двоен правен стандард – туку отворена политичка, етничка и партиска дискриминација, што претставува навреда за секој граѓанин на Република Северна Македонија.
Дополнително, иако сведоците и родителите на жртвите јасно ги имаат посочено вистинските виновници, само поранешниот министер Бектеши сè уште се држи изолиран – за да се заштитат вистинските виновници.
Транзакциското обвинителство и актуелната власт продолжуваат брутално да ги кршат сите правни, морални и човечки принципи.
Премиерот, откако го заплаши обвинителот дека ќе изведе луѓе на улица против него, сега целосно го има потчинето и се однесува истовремено и како обвинител и како судија.
Ако улицата е решението, тогаш време е сите граѓани да им се придружат на семејствата на жртвите од Кочани и да побараат правда – на мирен, но решителен начин, на улица“, се вели во реакцијата на ДУИ.
Македонија
Филипче немаше одговор на прашањето од родителите на загинатите што се случило со решенијата за забрана за работа на „Пулс“

Лидерот на СДСМ, кој заедно со пратениците од оваа партија излезе да се сретне со родителите на загинатите деца во „Пулс“ немаше одговор што се случило со двете решенија за забрана за работа на дискотеката додека таа партија беше на власт.
„Кога бевте на власт, имаше две решенија за забрана на работа на шталата, како што некои од вашите колеги го нарекуваат местото каде што изгореа нашите деца. Што се случи со нив“, праша една мајка на загинато дете.
Филипче рече дека не сака да ја политизира ситуација и дека ќе бара институционално решавање на случајот.
Пратениците на СДСМ на почетокот беа пречекани со „Убијци, убијци“, но потоа родителите и семејствата кои протестираа допуштија да зборуваат бидејќи се одважиле да дојдат кај нив.
Родителите на загинатите деца во пожарот во Кочани пред Собранието побараа оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски. Ги повикаа и пратениците да излезат и да им дадат одговори на нивните прашања.
Пред нив излегоа и со нив разговараа и пратениците од партијата Левица, кои претходно побараа прием на ожалостените во Собранието за да ја следат седницата, што не беше допуштено.
Родителите во рацете носеа фотографии од починатите деца, и транспаренти со натписи „Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите“, „Каде да фатиме врски за да ги вратиме другарите“, „Селективна одговорност е неодговорност“, „Не умираме од несреќи, умираме од корупција!“ „Ги изгоревте децата со вашата алчност и негрижа“. Побараа одговори од институциите за трагедијата и го искажаа својот гнев и во Скопје кон сите партии што владеат 30 години.
Македонија
Родителите на загинатите се пред МВР: И без душа и без дете, ние пеш дојдовме, сега нека излезе Тошковски место ние да влеземе

Родителите и роднините на загинатите во Кочани стигнаа пред Министерството за внатрешни работи. Решија да дојдат пред Министерството откога министерот Панче Тошковски ги известил дека ќе ги прими на средба. Измачени од маршот, кој почна пред три часа, тие застанаа пред Министерството.
„Кога ние можевме да дојдеме до тука, ако има храброст, нека излезе тој пред нас родителите. Ние толку голем пат поминавме до тука, нека излезе тој од почит кон нас родителите. Штом не знаеше со автомобилот да дојде пред Собранието, еве ние пеш дојдовме до тука и без душа, и без сила, и без дете. Сакаме да дојде тука пред нас“, рече една од мајките на загинатите и седна на асфалтот пред МВР.
Друга мајка предложи да влезат и да разговараат со министерот сами, како што направија во Обвинителството, но повеќето рекоа дека се исцрпени и чекаат министерот да покаже почит.
Пред Собранието пред родителите на загинатите излегоа лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, и неколкумина негови сопартијци пратеници, како и пратеници од партијата Левица. Кога Филипче им објасни дека институционално во Собранието се борат за неселективна правда, родителите на загинатите им рекоа да си депонираат оставки од функциите кај претседателот на Собранието оти нивната борба личи на борба во себе. Ги потсетија пратениците на СДСМ дека се многу поборбени кога се борат за да дојдат на власт, па прават шарени и какви ли уште не револуции.