Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност, од утре температури до 40 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19 а максималната од 27 до 36 степени. УВ=8.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе биде околу 16, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Во наредните денови, под влијание на многу топла воздушна маса од југ, времето ќе биде стабилно и многу топло со натпросечни температури за овој период од годината. Во вторник насекаде ќе бидат над 30, а во следните денови во повеќе места над 35, додека во најтоплите делови од земјата ќе достигнат околу 40 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Без струја делови од Аеродром, Карпош и Бутел
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека денеска поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, без напојување со електрична енергија ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Бутел.
· Во период од 08:00 до 16:00 часот дел од улицата Тодор Чангов, дел од улицата Богомилски Поход, дел од улицата Благој Мучето во општина Аеродром;
· Во период од 09:00 до 13:00 часот дел од корисниците во Градски парк кај Институт за стока и риби во општина Карпош;
· Во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците улица Бутелска 13 и улица Бутелска-крак Серава во општина Бутел.
Македонија
Делови од Радишани и Гази Баба утре без вода
Делови од општините Радишани и Гази Баба ќе останат без вода во текот на утрешниот ден, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиено известување од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
Поради замена на вентил, без вода од девет часот ќе бидат ќе бидат корисниците од улицата „Боро Кралевски“, како и дел од „АФЖ“, „Киро Димишков“, „Ѓоре Ѓоревски“ и „1588“ во населба Радишани, во општина Бутел.
Исто така од девет часот без вода за пиење ќе бидат и корисници од улицата „Хаванска“ – „Вила Кастро“ во општина Гази Баба.
Како што се појаснува во соопштението, водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со работните активности.
Македонија
Ново Скопје ветува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, ја посети Општина Шуто Оризари, каде што преку средби со граѓаните се запозна со нивните секојдневни проблеми и потреби.
На терен, Ѓорѓиевски и Ганиу остварија средба и со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, како и со претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ од оваа општина, Ерџан Демир. Тие разговараа за приоритетите на општината и идните инфраструктурни проекти, посебно во рамки на вториот повик на Владата за обезбедување средства за вакви проекти.
– Денеска ги слушнавме проблемите на граѓаните од Шуто Оризари и Чаир, кои заслужуваат сериозно внимание. Најважно е заеднички да работиме за да обезбедиме подобри услови за живот – изјави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски нагласи дека е неопходно ново сообраќајно поврзување меѓу Чаир и Шуто Оризари, што ќе го растерети сообраќајот и ќе ја подобри комуникацијата меѓу општините. Меѓу приоритетите е и проширување на булеварот Џон Кенеди, како и изградба на нов културен центар во Шуто Оризари.
– Градот Скопје ќе помогне со средства за културниот центар, за што веќе е одредена локација. Дополнително, ќе се доврши партерното уредување на спортската сала и ќе се реализираат уште многу проекти со поддршка на новата градска администрација – рече Ѓорѓиевски.
Претседателот на ЗЕЛС истакна дека луѓето од левата страна на Скопје имаат сериозни предизвици, но вети дека секогаш ќе имаат поддршка во него и во градската администрација.
– Скопје повторно ќе биде горд град – порача Ѓорѓиевски, изразувајќи подготвеност за решавање на проблемите на сите граѓани.