Македонија
Сончево и топло со мала облачност и температури до 34 степени

Времето денес ќе биде сончево и топло со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степени.
За време на викендот ќе преовладува стабилно време и дневната температура ќе биде во пораст. На почетокот на следната седмица во попладневните часови повторно ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи. Потоа се очекува постабилен и се потопол период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ доминира во Советот на Град Скопје со 18 мандати, Левица, Влен и ДУИ имаат по 6

ВМРО-ДПМНЕ освои најголем број гласови во Советот на Град Скопје, вкупно 35,15 отсто, или 81.649 гласови. Со тоа, бројот на мандати, според резултатите објавени на веб-страницата на ДИК, е 18, што е тројно повеќе од второпласираната Левица во советот која пак има 6 мандати.
Левица е второпласирана по бројот на гласови во Советот, со освоени 11,83 проценти од гласовите, односно 27.479 гласа.
Зад нив е коалицијата Влен со 11,77 отсто од гласовите, или во мандати, истотака, 6. Потоа, коалицијата НАИ на ДУИ, со освоено 11,64 отсто од гласовите со шест мандати. СДСМ е петтопласирана во советот на Град Скопје, со освоени 10,59 отсто од гласовите, во мандати 5.
По еден мандат имаат Ристо Пенов од Икуство за успех, Горанчо Котески од движењето ЗНАМ, и граѓанските листи „Независни заедно“ и „Зелен хуман град“..
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да си даде оставка, го изгуби бастионот Струмица, а во Скопје не успеа да влезе ниту во втор круг

„СДС на овие локални избори доживеа историски дебакл. СДС во главниот град отиде до таму да не може да влезе ниту во втор круг. Во главниот град Скопје се дури четврти, пред нив трети се дури и Влен“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС предводена од Венко Филипче го изгуби во прв круг и бастионот Струмица. ВМРО-ДПМНE пак ја освои Струмица во прв круг. Граѓаните и во бастионот на СДС јасно им кажаа не за нивните политики.
Венко Филипче ни помалку ни повеќе ја направи СДСМ трета партија, по општини гледано некаде и четврта.
Поточно СДС не успеа да го заземе второто место, односно или се трето, а некаде дури и на четврто место. Таков е случајот во следните општини Битола, Брвеница, Бутел, Дебарца, Карпош, Кисела Вода, Кочани, Брод, Могила, Долнени, Куманово, Шуто Оризари, Скопје.
Резултатите од првиот круг избори јасно покажуваат дека СДС предводена од Венко Филипче заедно со неговиот струмички гуру Зоран Заев покажаа целосна безидејност, немање на никакви проекти, односно ништо не им понудија на граѓаните со што се потврди нивната грижа само за нив лично.
Резултатите од овие избори целосно го декласираа Венко Филипче. Единствениот добар и користен потег што може да го направи за народот и за самата СДС е да си поднесе оставка“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ по изборите: Oстануваме втора најсилна партија, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ имаат пад на поддршката

По обработени 99 отсто од гласовите, од СДСМ соопштија дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицискиот партнер ЗНАМ, забележала голем пад на поддршката во споредба со минатогодишните избори.
Според анализите што ги презентира партијата, ВМРО-ДПМНЕ изгубила околу 135.000 гласа, што претставува пад од 30,8%, додека ЗНАМ има пад од 56.200 на 38.034 гласа, односно околу 33% помалку.
Од СДСМ нагласуваат дека нивниот резултат бележи минимален пад од 18 отсто, што, според нив, речиси не претставува загуба ако се земе предвид пониската излезеност.
Во соопштението се наведува и дека Левица има ист процентуален пад како СДСМ, иако, како што тврдат од СДСМ, нејзиното раководство „лажно се претставува како нов лидер на опозицијата“. Според партијата, Левица има 2,2 пати помалку гласови од СДСМ.
„Разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е значително намалена, што укажува на опаѓање на довербата во власта“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека партијата останува втора најсилна политичка сила во земјата и дека ќе преземе мерки за понатамошно подобрување на резултатот.
Според податоците на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник во првиот круг од локалните избори, со освоени 32 општини. Кандидатите на коалицијата ВЛЕН („Вреди“) победија во пет општини: Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце. СДСМ освои три градоначалнички мандати во првиот круг, во Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани, додека коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, победи во Гостивар, Чашка, Липково и Пласница.
Во Скопје градончалник ќе биде избран во вториот круг, пришто ќе се соочат Орце Ѓеорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Според последните податоци на ДИК, Ѓеорѓиевски има 39,43 отсто, или 91.582 гласа, додека Мециновиќ освои 13,20 проценти, односно 30.659 гласа. Зад нив се кандидатот од „Вреди“, Башким Бакиу со освоени 12 отсто, 27.864 гласа, Каја Шукова од СДСМ со 11,50 отсто, односно 26.714 гласа и Скендер Реџепи од ДУИ со 26.062 гласа.
Во Советот на Град Скопје на вчерашните Локални избори најмногу гласови доби ВМРО-ДПМНЕ 81.649, па Левица 27.479, „Вреди“ е трета партија со 27.337, а ДУИ четврта со 27.045 гласови. СДСМ е петта партија според бројот на гласови во Советот на Град Скопје со освоени 24.587 гласови.