Македонија
Сончево и топло со температури до 38 степени
Денеска ќе биде сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени. УВ=9
Во Скопје, времето ќе биде сончево и топло со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне 36 степени.
Во наредните денови според УХМР, следува период на стабилно, сончево и топло време.
Особено топло ќе биде во понеделник и вторник кога максималната температура повторно ќе го достигне 40-тиот степен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачев: Ќе бараме ВМРО-ДПМНЕ да ја исклучат од Европската Народна Партија
Ја информиравме Европската народна партија за однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и ќе побараме да се иницира процедура за исклучување на таа партија од ЕНП, изјавил за БНТ европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев.
„Мислам дека тие (ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) на секој начин докажуваат дека сакаат да бидат со Фидес, партијата на Орбан. Тоа си е нивна желба и тие многу се оддалечуваат од вредностите на ЕНП и европската демократија“, оценил Ковачев.
Коментирајќи ги изјавите на македонскиот вицепремиер Александар Николоски за отсуството на македонско знаме на средбата Радев-Сиљановска, бугарскиот европратеник изразил увереност дека зборовите на Николоски биле координирани со Мицкоски, пренесува „Дојче Веле“.
„Се покажува јасна желба на сегашното раководство на Република Северна Македонија да не продолжи по патот на европската интеграција. Си бараат некаков изговор пред нивната јавност зошто тоа не може да се случи, а изговорот е, се разбира, со оцрнување на Бугарија“, оценил европратеникот.
Според него, Бугарија не дала повод за таква провокација, напротив се однесувала „исклучително цивилизирано и европски”.
„Тие (РСМ) апсолутно го погазуваат Договорот за добрососедство. Тој е одобрен од парламентите во двете земји и во него е запишано дека Северна Македонија и Бугарија имаат заедничка историја и тоа не може да се фалсификува“, изјавил Ковачев.
Според него, Бугарија не ја користела темата за изборна кампања.
„Тие се обидуваат да нѐ провоцираат, за да може земјата (Бугарија- н.з.) да биде виновник, а тие да си тргнат натаму каде што тргнале со Вучиќ и Орбан, кон Кина и Русија. Тоа е геополитичката приказна“, критикувал Ковачев.
Иако во изјавите на бугарските политичари доминираат слични наративи за наводно скршнување на РСМ од европскиот пат, одредени постапки откриваат дека ги загрижува крикот на Скопје против оптоварувањата на интеграцискиот пат со билатерални прашања, пишува „Дојче Веле“.
Пред два дена беше закажана седница на собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, на која прва точка на дневниот ред била сослушување на амбасадорката на Италија во Бугарија, во врска со посетата на италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на РСМ, пред десет дена. Тој пред доаѓањето во Скопје изјави дека Северна Македонија е клучен партнер во обезбедувањето просперитетна иднина и стабилност за целиот регион на Западен Балкан.
Мицкоски на вчерашниот работен ручек организиран од претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен, на кој беа присутни уште пет лидери од регионот на Западен Балкан, а потоа и средба со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, порачал дека интегрирањето во ЕУ мора да се темели на процес во кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не да се темели на билатерални прашања кои ќе бидат одлучувачки фактор.
Македонија
Тошковски во посета на Комората за приватно обезбедување: во фокусот потребата од професионална надградба
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска беше во работна посета на Комората за приватно обезбедување, каде меѓу другото истакна дека Министерството за внатрешни работи, како надлежен регулатор на овој аспект во работењето има за цел континуирано да биде во тек со сите потреби, активности и трендови во приватното обезбедување.
„МВР навремено да ги детектира сите можни нови форми на соработка кои се подеднакво во интерес како на приватната така и на јавната безбедност“, потенцираше Тошковски при посетата на Комората на приватно обезбедување.
Акцент беше ставен на потребата од постојаната стручна и професионална надградба како на процесите така и на самиот човечки кадар во дејноста на приватното обезбедување и постојаниот контакт и размена на искуства и стручна соработка.
За време на посетата на Комората на приватно обезбедување беше потенцирано дека соработката меѓу Министерството и Комората е добар пример за меѓуинституционално партнерство со високо ниво на комуникација со конкретни резултати во функционирањето.
Македонија
Град Скопје го објави јавниот повик за финансирање на проекти и активности од интерес на младите
Град Скопје го објави Јавниот повик за распоредување буџетски средства за финансирање програми, проекти, активности и манифестации за младите од интерес на Град Скопје.
Со овој јавен повик, како што е наведено во соопштението, Град Скопје сака да реализира повеќе цели, како што се зголемување на активно учество на младите во сите општествени процеси, како волонтирањето, организирање на семинари и едукации, поттикнување на зголемено учество во активности од областа на културата, уметноста, заштита на животната средина и просторното уредување во Скопје, поттикнување во креирање идеи од областа на информатичката технологија и др.
Апликации за учество на јавниот повик може да се доставуваат до 1 октомври 2024 година.