Македонија
Сончево и топло со температури до 40 степени
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, поизразен попладне по должина на Повардарието. УВ=9
Максималната температура во државата ќе изнесува 40 степени.
Во Скопје слично време со температури до 39 степени.
До петок ќе преовладува сончево и многу топло време. В петок кон крајот на денот ќе има изолирана појава на краткотраен дожд, а за време на викендот и во почетокот на идната седмица ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи. Температурата од петок ќе биде во постепено опаѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Арсовска нема повторно да се кандидира за градоначалник на Скопје
Не размислувам за повторна кандидатура, истакна градоначалничката Данела Арсовска одговорајќи на новинарско прашање по промоцијата на донацијата на шесте еколошки автобуси за Град Скопје, обезбедени од ЕУ како дел од проектот за чист воздух.
„Би сакала да им посакам барем еднаш да докажат и да покажат прво пред граѓаните дека она што го говорат ќе може да го реализираат за на следните избори да имаат поддршка, а во рамки на она што досега сме го виделе, не верувам дека некој ќе мисли дека тоа е така. Затоа што јас кога се кандидирав како градоначалник ја имав поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, кое за жал не успеа да се надмине себеси, односно неговото раководство. Суетите се преголеми за да му дозволите некому да работи без да му кажувате што и како да прави“, посочи Арсовска.
Додаде дека никогаш повеќе не би сакала да работи со луѓе кои што само саботираат и блокираат.
Македонија
Европската Унија му донираше на ЈСП шест еколошки автобуси
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, како донација од Европската унија (ЕУ).
Амбасадорот на Европската унија во земјава, Михаил Рокас, во Дирекцијата на ЈСП истакна дека донацијата е во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“, вреден 10 милиони евра, којшто се очекува да придонесе кон намалување на загадувањето, а ги опфаќа најмногу загадените градови во земјата, Скопје, Битола, Куманово и Тетово.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска изрази надеж дека донацијата од Европската унија ќе ги мотивира советниците на Град Скопје да гласаат и за набавка на уште 250 еколошки автобуси.
Во изјавата за медиумите таа ја поздрав најавата на Владата за набавка на нови електрични автобуси, но ја оцени како задоцнета. Веќе за три години можевме да имаме по 50 нови автобуси, додаде градоначалничката.
Македонија
Авионска линија Прага – Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одржа продуктивна средба со делегацијата на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од парламентот на Чешката Република, која престојува во официјална посета на Република Македонија.
На средбата се разговараше за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес. Посебен акцент беше ставен на иницијативата на министерката Божиновска за воспоставување директна авионска линија Прага – Скопје, која би ја олеснила поврзаноста меѓу двете земји, поттикнувајќи ја соработката во трговијата, туризмот и бизнисот.
Дополнително, министерката ги потенцира можностите за проширување на соработката со чешки компании во областа на енергетиката, со акцент на вложувања во обновливи извори на енергија, модернизација на енергетската инфраструктура и воведување иновативни технологии.
Во текот на средбата беше разгледана и можноста за воспоставување партнерства помеѓу чешките универзитети и македонските образовни институции, со цел размена на знаења, заеднички истражувачки проекти и отворање на нови можности за студентите од двете земји.
Оваа средба претставува уште еден чекор во градењето посилни билатерални односи и продлабочување на пријателството меѓу Чешката Република и Македонија, велат од Министерството.