Македонија
Сончево со умерена облачност и засилен ветер од северен правец

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. На повеќе места ќе дува засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 2, а максималната од 8 до 16 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност. До среда ќе дува умерен до засилен северен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче од лежалка меѓу две јахти пишува статуси за економијата или телефонот му е кај Фрчкоски, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Класична СДС матрица на лаги и дефокус. Последниот човек кој може да зборува за економија е Венко Филипче. Под него, Заев, Артан, Бујар и Али, Македонија ја виде најголемата сиромаштија најскапата струја, најскапото гориво и најголемите корупциски афери, велат од ВМРО-ДПМНЕ откако на социјалните мрежи се огласи лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Народот, додаваат од партијата на власт, плаќаше со живот и празни џебови, а тие си полнеа сметки и договараа политики на јахти.
Според ВМРО-ДПМНЕ, денес Филипче зборува за „достоинство“, а токму тој и неговиот ментор, како што велат, ја понижија државата и ја симнаа СДС од втора на четврта партија.
Го прашуваат Филипче: „кога толку глуми загриженост за државата, зошто не им каже на своите 6% поддржувачи колку чини еден ден возење на јахтата? Тука зборуваме за материјалната цена во евра, не за фактот кој одамна е познат, дека тоа возење е само симбол на неговата заложеност кон менторот и сопственикот на јахтата.
За да му ги скратиме маките, еве ја сметката: Гориво: 1800 €; Екипаж: 500 €; Одржување: 250 €;
Марина / сидрење: 200 €; Вкупно: околу 2750 € на ден.
Без да ги пресметаме и скапите ручеци и „ужинки“, какви што има дводецот што го води СДС. Со храна и пијалоци, сумата оди и до 6–7000 € дневно.
За десетина дена тоа преку 70000 евра луксуз.
А за 30 дена, колку што летово поминуваат на јахтата и по грчките плажи и острови, а и по други земји, нека пресмета кој сака сам, колку чини сето тоа“.
Затоа, додаваат од партијата на Мицкоски, пред да глуми дека се грижи за народот, Филипче нека објасни како е можно да се трошат толку пари на јахти и дали мирно спие кога сите во државата знаат дека токму тој хедонистички двоец е одговорен за сиромаштијата, галопирачката инфлација и разурнатата економија.
„Додека народот преживуваше, тие купуваа јахти и си планираа луксузен живот со украденото од народот богатство.
Затоа, Филипче прекини!
Засрами се! Ако воопшто знаеш што е срам“.
Македонија
Шукова: ВМРО-ДПМНЕ брутално ги осквернави идентитетот и архитектурата на Скопје, време е да му го вратиме ликот на вистинска метропола

„Време е на Скопје да му го вратиме ликот на вистинска метропола, град кој ќе биде пристапен и функционален“, порача денеска кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ Каја Шукова. Според нејзината визија за центарот на градот, се предвидува затворање на сообраќајот и ставање на јавниот простор во функција на пешаците, туристите, велосипедистите, не на автомобилите.
„Време е на Скопје да му го вратиме ликот на вистинска метропола – град кој ќе биде пристапен и функционален. Мојата визија за „Мал ринг“ е суштинска промена на центарот на градот. Проект кој подразбира затворање на мал ринг за сообраќај, адаптиран за пешаците и велосипедистите. На Рекорд ќе има дозвола за превоз само за ЈСП и специјални возила. Ќе го заживееме јавниот простор со урбана опрема и ќе воведеме посебни содржини. Центарот многу брзо ќе го добие ликот како што заслужува нашето Скопје и ќе го врати сјајот на метропола“, рече Шукова.
Порача дека Скопје сега е задушен град поради неуспешните импровизации на ВМРО-ДПМНЕ и нивната градоначалничка Данела Арсовска.
„Централното градско подрачје, познатиот „Мал ринг“ кој е срцето на Скопје, сега е задушен, поради деструктивните импровизации на ВМРО ДПМНЕ и незаинтересираноста на нивната менаџерка Данела Арсовска. ВМРО ДПМНЕ брутално го осквернави идентитетот и архитектурата на Скопје – скапо платен со народни пари, а со трајни последици по јавниот простор. Денес, строгиот центар на Градот е задушен од објекти, прекумерен сообраќај и без соодветна инфраструктура за пешаците и велосипедистите. Тоа време мора да остане зад нас! “, изјави Шукова.
Македонија
Меџити губи со 10 проценти разлика, тоа ги тера да фабрикуваат афери за самитот на ОБСЕ, каде што е сѐ чисто, вели Османи

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, вели дека коалицијата „Вреди“ ги има добиено анкетите, во кои, како што нагласува, јасно се гледа дека разликата меѓу него и нивниот кандидат изнесува 10 %.
„И сега се во паника. Затоа се обидуваат да отвораат прашања за кои граѓаните вообичаено нив ги обвинуваат дека се корумпирани и дека 20 години на најкоруптивен начин ја воделе општината“, изјави Османи.
Османи потсети дека уште пред да заврши самитот на ОБСЕ лично ја доставил целата документација до релевантните институции.
„Јас лично ја доставив целата документација во Државната комисија за спречување на корупцијата и во Обвинителството. ДКСК, по неколку недели, излезе со констатација дека нема никакви неправилности. И Јавното обвинителство потврди дека нема неправилности. Ниту имало ревизија на ОБСЕ, туку на ‘Борис Трајковски’, и тоа во врска со тоа како тие ја прифатиле опремата“, појасни Османи.
Истакна дека неговиот најголем политички капитал останува неговиот кредибилитет: „Ако има нешто по што јас се разликувам, тоа е фактот дека никој, во целата моја политичка кариера, не може да ме обвини за корупција. Тоа е мојот најголем капитал во политиката, политичкиот интегритет и човечкиот кредибилитет“, истакнува Османи.