Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со дожд

Сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови облачноста ќе се зголеми и на места ќе има појава на краткотраен дожд, појава на грмежи и засилување на ветерот. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб променлив ветер. Од пладневните часови ќе има услови за нестабилност со појава на пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне 21 степен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Антикорупциската комисија: Да се спречи праксата на партиски вработувања во администрацијата

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во рамките на своите надлежности, укажува дека актуелните најави за вработувања во јавната администрација од страна на одредени политички субјекти не смее да бидат предмет на договор на политички структури.
Секое вработување мора да биде во согласност со законот, по мерит-систем и без никакви влијанија. Само на овој начин, велат од комисијата, почитувајќи ги законските регулативи, ќе овозможиме враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот, ќе спречиме коруптивно однесување, трговија со влијанија и партиски клиентелизам.
„Секоја изјава за договорни партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања“, велат од ДКСК.
Информираат дека во насока на остварување на своите превентивни законски надлежности веќе е направена антикорупциска проверка на предложените закони за вработување во јавниот сектор и на предлагачот му е укажано на можните ризици од корупција, кои тие ги генерираат.
Македонија
Најавена изградба на нова терминална зграда и реконструкција на охридскиот аеродром

Со 2,7 милиона евра почнуваме модернизација на аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид. Ќе градиме нова терминална зграда и ќе ги прошириме капацитетите за патниците и за вработените, истакна на денешната пресконференција вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Како што најави, проектот ќе приднесе за подобрување на условите за патниците, како и подобрување на работата на вработените на аеродромот. Севкупно ќе значи зголемување на бројот на патници.
„Проектот опфаќа изградба на нова административна зграда со површина од 250 м2, нов канцелариски простор од 120 м2, помошни простории од 130 м2, нов простор за обезбедување од 40 м2, целосна реконструкција и адаптација на постојната терминална зграда на површина од 2.000 м2 на двете нивоа. И сето ова ќе значи реконструирање на аеродромот од неговата изградба. Ова ќе значи подобри услови за патниците и секако многу повеќе патници и до март 2026 година очекувам да се заврши овој проект“, истакна вицепремиерот Николоски.
Македонија
Маркетите со закон ќе бидат обврзани да ги објавуваат цените на веб-страниците, вели Мицкоски за мерката што не се применува

Маркетите законски ќе бидат обврзани на веб-страници јавно да ги објавуваат цените на сите производи што ги нудат. Оваа мерка, која лично премиерот Христијан Мицкоски ја предложи, беше најавена во последниот пакет-мерки за намалување на цените на производите, но сè уште не се применува оти се потребни законски измени.
„Во парламентот ќе имаме законски измени, треба првин тие да се донесат за да може потоа сето ова да се примени. Иако тоа наиде на потсмев кај одредени медиуми и кај опозицијата, таканаречениот израелски модел, гледаме доста од европските влади веќе го прифаќаат како таков. Ние бевме меѓу првите, во собраниска процедура е измената на законот. Откога ќе биде завршена и донесен законот, сметајте дека тие ќе бидат обврзани и ќе мора да го почитуваат сето тоа“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања денес во Владата.
Објавувањето на цените на сите производи како мерка премиерот Мицкоски го предложи пред две недели за да може граѓаните јасно да видат колкави се цените и да одлучуваат каде ќе пазаруваат.
Обврската за објавување на цените на сите производи кои ги нудат маркетите се предвидува со измени на Законот за заштита на потрошувачите предложени од парламентарното мнозинство. Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, извести дека предложените измени денес влегуваат во собраниска процедура.