Македонија
Сообраќајот во Центар утре ќе биде пренасочуван во период од два часа

Утре по повод уличната акција организирана од здружението Млади европски федералисти, во период од 15,00 до 17,15 часот, сообраќајот ќе се одвива со кратки пренасочувања по одредени сообраќајници во централното градско подрачје.
Трасата на движење на уличната акција е од пред Собранието на улицата „11-ти Октомври“, и продолжува право кон Порта Македонија, низ градскиот плоштад „Македонија“, Камениот мост, плоштадот „Филип 2-ри“, по улицата „Иљо Војвода“, десно по надвозникот над булеварот „Гоце Делчев“, десно по улицата „Самуилова“ пред платото на црквата „Св. Спас“, лево по сервисната улица кон Скопско кале и потоа назад кон Собранието, по истата траса.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Власта да не го игнорира предлогот на ССМ за покачување на минималната плата, во спротивно ќе поднесеме законско решение“, велат од Левица

„ДПМНЕ наместо да глуми опозиција и да се пасивизира во корист на бизнисот, редно време е да ја изврши својата владина обврска во трипартитниот дијалог помеѓу работниците и работодавачите и веднаш да го прифати предлогот на ССМ за минимална плата од 500 евра! Ова не е популизам, туку неопходен чекор што реално ја одразува економската состојба и енормниот раст на животните трошоци“, велат од Левица.
„Повеќе од јасно е дека ветувања кон граѓаните за подобар животен стандард и повисоки примања беа само изборна лага за освојување на власта, Денес, гледаме неспособност и негрижа кои резултираат со раст на инфлацијата, енормни поскапувања и зголемена сиромаштија. Минималната плата денес не е доволна ни за покривање на основните потреби, а владината коалиција ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ очајно се обидува да го прикрие овој пораз.
Благодарение на Владата, граѓаните наместо достоинствен живот, добија зголемени сметки за струја, поскапена храна и нејзино јавно наклонување кон капиталот.
Синдикалната кошничка ни покажува дека трошоците за месец јануари 2025 година, споредбено со истиот месец во 2024 година, се зголемени за 6.089 денари или 10,65%, од кои само храната е поскапена за 2.191 денар или 10,43%. Оттука, законското зголемување на минималната плата за околу 1.800 денари не е доволно ни да го покрие ова покачување, а не пак да го подобри стандардот на граѓаните.
Додека цените растат, а Мицкоски советуван од скапите владини советници се занимава со забрани за граѓаните да јадат цреши и грашок од конзерва, Левица ги повикува да се соочат со реалноста и да го вратат достоинството на работникот. Прифаќањето на предлогот на ССМ е минимумот што треба да го направи оваа власт и истиот е повеќе од релевантен и вистински ја одразува состојбата со порастот на цените. Редно е власта да се оддели од спрегите на бизнисот и да сработи нешто за своите граѓани на кои им ветуваше подобар живот.
Левица го поддржува предлогот на ССМ. Зголемена минимална плата е неопходна за намалување на сиромаштијата и социјалните разлики. Доколку власта не покаже слух за својот народ, Левица како единствена партија која вистински се залага за работниците – ќе предложи законско решение во Собранието“, соопшти Левица.
Македонија
Филипче: 585 милиони евра директно во џебот на граѓаните со нашата мерка за плати

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера го посети Кочани каде зборуваше за мерките кои СДСМ ги предлага за подобрување на животниот стандард. Тој истакна дека партијата има конкретен предлог за зголемување на платите во приватниот сектор, без тоа да претставува дополнителен финансиски товар за работодавачите.
„Даваме предлог да се зголеми платата во приватниот сектор, а притоа придонесите да се замрзнат за да тоа не биде терет на приватните работодавачи. И тоа се некаде 400.000 луѓе кои што треба да имаат зголемување според нашите пресметки помеѓу 3.000 и 15.000 денари. И ако земеме просек 7.500 денари зголемување на плата, вкупно тие 400.000 вработени во приватниот сектор годишно ќе добијат 585 милиони евра. 585 милиони евра директно во џебот на вработените годишно“.
Претседателот на СДСМ, Филипче истакна дека оваа мерка е од корист не само за работниците, туку и за државата.
„Каков ќар ќе има државата со оглед на тоа дека придонесите ќе бидат замрзнати? 10% од данокот на приход ќе донесе 58,5 милиони евра во буџетот. Ем луѓето повеќе приходи, ем нема да биде терет на работодавачи, ем ќар од тој дел на данокот за државата“.
Македонија
Засилени контроли за увозното овошје и зеленчукот за заштита од пестициди, најави АХВ

Заради обезбедување на поголема безбедност на храната и постигнување на високо ниво на заштита на здравјето на луѓето, во услови на интензивирање на трговијата со овошје и зеленчук, Агенцијата за храна и ветеринарство како што најавуваат, го зголемува интензитетот на контроли на пратките со овој вид на производи кои се увезуваат во земјава, од сите држави.
Засилените контроли ќе се реализираат со земање лабораториски мостри за испитување на резидуи ( остатоци) од пестициди, со акредитирани методи, од секоја пратка. Мострите ќе се земаат на инспекциските места при увоз, а пратките нема да се пуштаат во промет се до добивање на резултат со кој ќе се потврди безбедноста на производите.
„Поради добиен лабораториски наод позитивен на колиформни бактерии кај изворска минерална вода по потекло од Република Косово, спротивно на одредбите од Правилникот за посебните барања за безбедност на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода („Службен весник на РМ“ бр. 184/20218), под засилен инспекциски надзор ставен е и увозот на сите пратки со изворска минерална вода од оваа земја.
Под засилен инспекциски надзор во однос на микробиолошките критериуми за безбедност на храната се и пратките со безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, каде во една пратка, со лабораториска анализа утврдено е присуство на аеробни бактерии.
За секоја од наредните пратки со изворска вода и безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, ќе се земаат лабораториски мостри за испитување на микроорганизми согласно Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната“, информираат од агенцијата.