Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози, на некои од повисоките места со наместа остатоци од кашест снег по интервенција на дежурните екипи на ЈП „Македонијапат“.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, е затворен за сообраќај за сите видови возила од 15.11.2021 до 1.4.2022. Од охридска страна сообраќајот ќе се одвива до месноста Корита.
АМСМ препорачува приспосбена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Пред Кривичен се бара правда за „Феликс“: Држава која не превенира и санкционира, охрабрува насилство!

Пред Кривичниот суд во тек е протест на кој се бара правда за кучето Феликс, кое беше претепано со метална шипка, а умре по два месеца во агонија.
Протестот се случува денес, кога требаше да биде одржано првото рочиште, но на крајот беше одложено бидејќи еден од обвинетите и неговата одбрана го немаат примено обвинителниот предлог, ниту пак решението за одлука за предложената мерка за обезбедување присуство.
Активистите пред судот најавија поднесување на Иницијатива за измена и дополна на Кривичниот закон до Владата, со внесување на нови прецизно дефинирани категории – нови квалификувани форми на кривично дело мачење на животни.
„Феликс се мачеше 52 дена и умре, затоа што беше мирно бездомно куче кое не се ни обиде да се одбрани или нападне. Кое и покрај сето зло кое му беше нанесено, им веруваше на луѓето кои неполни 2 месеци се бореа за негов живот. Тука сме зошто бараме одговорност и затворски казни за сторителот и соучесниците“, порачаа активистите.
Се додава дека во нашата држава сведоци сме на фрапантни и секојдневни случаи на насилство врз животните, безумие и суровост на начини кои не може а да ги смисли нормален ум, без граници; насилство кое неминовно ескалира, доколку не се препознае и казни соодветно. Тоа се девијантни и непресметани лица околу нас, нашите деца, семејства.
„Држава која не превенира и санкционира, охрабрува насилство! Бараме зголемување на санкциите предвидени со член 233 (Убивање и мачење на животни) особено по правно лице, и воведување на нови, квалификувани форми на извршување на ова дело. Конкретно, покрај зголемување на казните, бараме: 1) воведување на засебно кривично дело: Борби со животни; 2) засебно кривично дело: Напуштање на животни; 3)воведување на засебна безбедносна мерка – Забрана за чување и стекнување животни, која може да се изрече за најтешки случаи на злоупотреба на животни кога околностите на извршувањето упатуваат на опасност од повторување на кривично дело“, појаснуваат активистите, додавајќи дека нивните барања се базираат на успешни европски примери во законодавството, меѓу кои Хрватска, Италија, Франција, Полска.
Протестот го иницираеше здружението „Анима мунди“, а е поддржан и од иницијативата „Зелен хуман град“.
Обвинетите Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски се товарат за убивање и мачење животни“, Член 233 став 1 од Кривичниот законик кој гласи „тој што ќе усмрти животно без оправдана причина или грубо го злоупотребува или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години”.
Македонија
Муцунски се сретна со амбасадорот на БиХ: потврдени одличните билатерални односи и можност за нивно продлабочување

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска, го прими амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи и соработка меѓу двете земји кои се одвиваат во континуитет во областите од заемен интерес. Во овој контекст, беа разменети мислења за можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка, пред сè на економски план.
Соговорниците разговараа и за актуелните политички состојби во двете земји, како и нивната перспективата во процесот за интегрирање во Европската Унија при што се согласија дека проширувањето на Унијата ќе биде поттик не само за земјите од регионот, туку и суштински интерес за земјите-членки.
Министерот ја потврди поддршката за европските и евроатлантските аспирации на БиХ, притоа потенцирајќи ја подготвеноста, за размена на искуства во оваа област.
Македонија
Дваесет и една година од авионската несреќа во која загина Борис Трајковски

Државни делегации и членови на семејствата денес ќе положат цвеќе во помен на трагично загубените животи во авионската несреќа пред 21 година, кога загина тогашниот македонски претседател, Борис Трајковски.
Авионската несреќа се случи на 26 февруари 2004 година кај Мостар. Во несреќата загинаа и Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска – советници во Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски, вработен во МНР, Борис Велинов, Аце Велиновски – обезбедување, Марко Марковски и Бранко Ивановски – пилоти на авионот.
Последниот извештај за авионската несреќа од меѓународниот истражен тим покажа дека причините за падот на „кингерот“ се седум системски грешки на пилотите. Авионот се спуштил под минимално дозволена висина, временските услови биле неповолни, а пилотите не ја почитувале стандардната процедура, да слетаат на друг аеродром. Тие решиле да продолжат со слетување. Беше посочено и дека авионот не бил одржуван соодветно.