Македонија
Состанок вечерва во СДСМ за продолжување на дијалогот со опозицијата за уставните измени
Централниот одбор на СДСМ, вечерва, во 19 часот, ќе се состане со цел за да го усогласат ставот за преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.
За заклучоците од седницата јавноста ќе биде информирана по нејзиното завршување.
Претходно денес, портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски, рече дека на седницата ќе се дискутира за начинот и текот на дискусијата, разговорите и за дебатата со ВМРО-ДПМНЕ.
„Уште еднаш ќе потенцираме, добро е што Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат за уставните измени затоа што со тоа ќе придонесеме заеднички да ја исполниме децениската аспирација на граѓаните и нешто што им должиме на граѓаните, а тоа е европскиот пат на државата. Како што и веќе напоменав, разговорите очекуваме да продолжат во позитивен правец и заеднички да се радуваме на сето она што претстои и што е потребно да се направи за европскиот пат на државата“, рече Каевски.
Додаде дека одложеното дејство на уставните измени за нив е прифатливо до одржувањето на втората меѓувладина седница, а тоа го има и во преговарачката рамка. ВМРО-ДПМНЕ, наспроти тоа, бара уставните измени за внесување на Бугарите да стапат во сила во моментот кога Македонија ќе стане членка на ЕУ за да не дојде до дополнителни условувања од бугарска страна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: ДЕА доставила податоци до македонското и српското обвинителство за скандалот со 5 тони дрога
СДСМ веќе со денови предупредува на последните настани поврзани со најголемата заплена на марихуана во регионот: 5 тони дрога во соседна Србија, која потекнува од Македонија.
Ова е скандал од огромни размери кој го открива длабокиот криминал на актуелната власт предводена од ВМРО и Христијан Мицкоски, истакна на прес-конференција Александар Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
„Според неофицијални информации од медиумите во Србија, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од Американската агенција за борба против дрога (DEA).
Поради оваа меѓународна соработка, премиерот Мицкоски веќе една недела нема одговор на клучното прашање: како 5 тони марихуана успеале да ја преминат границата, да излезат од Македонија и да влезат во Србија?
Овој молк не е случаен, туку индикатор дека во тврдењата има вистина. Бидејќи фактите укажуваат дека без поддршка на структури во власта, МВР, Царината и други институции, ваква огромна шверцерска операција би била невозможна“.
Затоа, додава тој, е паниката во власта.
Како што вели, Ннместо да се соочат со фактите, тие водат медиумска кампања за дефокусирање на јавноста од енормните количини запленета дрога.
СДСМ бара итна, независна и транспаррентна истрага која ќе даде одговор на клучните прашања:
„Кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку граница?
Дали Симе, од сликите со Мицкоски е исто така дел од мрежата?
Ова нема лесно да заврши! Сите ќе одговараат“.
Македонија
Општина Кисела Вода: Собирање на кабаст отпад, нова, постојана услуга за граѓаните
Општина Кисела Вода, преку Јавното комунално претпријатие „Кисела Вода 2022-Скопје“, започнува со самостојно и континуирано собирање на пријавен кабаст отпад на целата територија на општината.
До сега, според општината, оваа услуга се реализираше неколку пати годишно, во соработка со службите на Град Скопје, но од сега услугата ќе биде достапна континуирано, секогаш кога граѓаните ќе имаат потреба. „Пријавувањето за подигнување на кабаст отпад се врши на телефонскиот број:
070/288-897, од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Цената на услугата е 1500,00 денари.
По извршена пријава, екипите на ЈКП ќе го подигнуваат отпадот во рок од 24 часа. Потребно е да биде оставен пред куќата или зградата.
Собраните количини се транспортираат и соодветно се депонираат во ЈП „Дрисла“, согласно важечките еколошки стандарди.
Кабаст отпад кој може да се пријави: стар мебел, врати, прозорци, душеци, друг кабаст домашен отпад.
Отпад кој не се прифаќа: градежен шут, електронски отпад, гуми, опасен отпад (боја, хемикалии и сл.)
Правилното депонирање на отпадот е законска обврска“. Општина Кисела Вода апелира до граѓаните да придонесат кон одржување на чиста и уредна околина.
Македонија
Владата на Мицкоски не сака да ја покачи минималната плата на 600 евра, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски не сака да ја зголеми минималната плата на 600 евра и директно ги остави работниците сами во борбата за гол опстанок, велат од СДСМ.
„По две години без реален раст на платите, над 200 илјади работници живеат сè потешко, додека вредноста на синдикалната кошница порасна на 66.000 денари. Животот поскапува, а платите стагнираат, тоа е суровата реалност на македонските работници.
Наместо да го прифати предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра за сите ранотници, владата склучи селективен договор кој опфаќа само околу 10.000 административни службеници. Притоа беа целосно се игнорирани останатите јавни службеници и останатите илјадници работници во приватниот сектор.
Фактите се поразителни: околу 200.000 работници земаат плата под 30.000 денари. Тоа значи продлабочување на сиромаштијата, губење на достоинството на трудот и забрзано иселување на младите и квалификуваните луѓе“.
Минималната плата, нагласуваат од опозициската партија, мора да важи за сите – во јавниот и во приватниот сектор, во фабриките, конфекциите и малите компании. Селективни решенија и козметички договори не го решаваат проблемот.
„Решението на СДСМ е јасно, реално и изводливо. Минималната плата веднаш се зголемува за 50%, односно за 12.000 денари, и достигнува 600 евра. Тоа е мерка што директно го подобрува животот на работниците – сега, а не некаде во иднина.
Со ребаланс на Буџетот и со кратење на луксузот на власта – службени возила, мебел, патувања, кабинети, може да се обезбедат околу 200 милиони евра. Тие средства се доволни и за минимална плата од 600 евра и за поддршка на приватните компании, без да се загрози нивната ликвидност.
Но владата на Мицкоски ги извиси работниците и си го избра сопствениот луксуз“.

