Македонија
Состојбата во земјата е стабилна и нема индиции за загрозеност на границите, констатира Советот за безбедност
Денес во Кабинетот на Претседателката се одржа конститутивната седница на Советот за безбедност.
На седницата со која претседаваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова, присуствуваа членовите на Советот за безбедност по функција: Африм Гаши, претседател на Собранието, Христијан Мицкоски, претседател на Владата, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.
На покана на претседателката Сиљановска Давкова, во работата на Советот за безбедност учествуваа и реферираа: началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
Советот за безбедност на седницата констатираше дека состојбата во земјата е стабилна и нема индиции за загрозеност на границите, интегритетот и суверенитетот на државата.
Присутните констатираа дека надлежните институции редовно ги следат состојбите во земјата и опкружувањето и дека системот за национална безбедност е функционален и обезбедува рано предупредување за евентуални закани и ризици.
Учеството на Армијата во НАТО-мисиите, ЕУ-мисиите и во мисии во ОН е успешно и продолжува, а бројот на учесниците во мисиите се одредува во зависност од потребите и одлуките на надлежните институции.
Советот за безбедност ќе се состанува на секои три месеци, а по потреба и почесто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

