Македонија
Состојбата на другите четворица пациенти од пожарот во Кочани во „Пирогов“ и понатаму е сериозна, но стабилна, изјави Аргирова
Состојбата на другите четворица пациенти во „Пирогов“ сѐ уште е сериозна, но стабилна. Ова во „Денот почнува“ го изјави раководителот на Клиниката за изгореници и пластична хирургија при медицинската установа, Маја Аргирова, за БНТ.
„Четворица од повредените во Кочани вчера беа отпуштени, на лекување во болница остануваат уште 4 лица.
Нивната состојба е сè уште сериозна, но стабилна, и очекуваме постепено да се подобрува. Остануваат да се подложат на хируршки интервенции и активно движење“, објасни Аргирова.
Според неа, ова се едни од најтешките случаи со кои таа и нејзиниот тим се сретнале на клиниката, но одлично се справиле со тоа и пациентите што вчера беа отпуштени ќе се приспособат на својата социјална средина што е можно побргу.
Таа објасни дека на лекарите им е исклучително тешко да држат деца в раце, изгорени речиси до непрепознатливост.
„И нема потежок настан и за жртвата и за неговото семејство од овој. Особено да изгори голема површина од телото. Третманот е долг, болен и вклучува многу жртва од страна на целото семејство на пациентот“, вели Аргирова за бугарските медиуми.
Таа објасни и дека жртвите од пожарот во Кочани, кои вчера беа отпуштени, ќе дојдат на прегледи и ќе имаат закажано реконструктивни операции. Според неа, периодот на закрепнување ќе трае долго.
„Ова трае долго време. Закрепнувањето на таков повреден е можеби од една и пол до две години. Ако ги додадеме и реконструктивните операции, периодот може да трае и до 5-7 години по завршувањето на акутниот период. Односно, по излегувањето. Така што, третманот не завршува со пуштање на пациентите од клиниката. Продолжува дома. Имаат инструкции што треба да ги следат речиси две години по отпуштањето“, објасни Аргирова.
Таа додаде дека повеќето од децата одбиле да зборуваат за ноќта на пожарот.
„Со нив се занимаваше психологот. Тоа не е работа на лекарите. Повеќето од нив одбија да зборуваат за ова прашање“, вели началникот на Клиниката за изгореници и пластична хирургија во „Пирогов“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.
Македонија
Сали во официјална посета на Украина: посетата има за цел размена на искуства за европската интеграција и поддршка за Украина
Утре првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе престојува во официјална работна посета на Киев, Украина.
Во рамки на посетата, Сали ќе учествува на заедничка комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, и ќе оствари повеќе средби со високи претставници на украинските институции задолжени за европската и евроатлантската интеграција.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка, размена на искуства во процесот на европска интеграција и изразување поддршка за Украина.

