Македонија
Софијанова: Коронавирусот кај децата најчесто дава полесна клиничка слика, но може да предизвика сериозен синдром
Коронавирусот кај децата најчесто дава полесна клиничка слика која се третира само со симптоматска терапија. Но неопходно е секој случај внимателно и претпазливо да се следи и доколку се забележи влошување на здравствената состојба, да се направат дополнителни испитувања кои би укажале на посериозни синдроми и состојби, како што е мултисистемски инфламаторен синдром, истакна проф. д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести и претседател на Здружението на педијатри, која беше дел од неделните онлајн дискусии кои Лекарската комора ги организираат со цел да се олесни комуникацијата и размената на искуства и знаења за превенција и третман на Ковид-19 меѓу лекарите од сите нивоа на здравствениот систем.
Софијанова на почетокот на настанот истакна благодарност до Лекарска комора за европски и напреден начин на делување и можности за зближување на основ на стручност и професионалност и истакна дека во предавањето кои го презентираа се споделуваат искуствата и сознанијата на престижни педијатриски центри за лекување на Ковид-19, искуства од Клиниката за детски болести, како и податоци објавени во релевантни научни студии.
„Кај децата Ковид-19 обично е благ и се лекува со симптоматска терапија. Но ако состојбата се влошува и фебрилноста трае повеќе од три дена, треба да се размислува и за дополнителни испитувања бидејќи во ретки случаи, децата можат да бидат сериозно погодени, а клиничките манифестации може да се разликуваат од возрасните. Во април 2020 година извештаите од Обединетото Кралство документираа презентација кај деца слична на нецелосна Кавасаки болест или синдром на токсичен шок. Оттогаш, има извештаи за слично погодени деца во други делови на светот. Состојбата е наречена мултисистемски инфламаторен синдром кај деца“, истакна Софијанова.
Мултисистемски инфламаторен синдром се јавува кај деца кои биле асимптоматски случаеви, или имале блага клиничка слика, а по период од две до четири недели развиваат болест, односно нова состојба која се манифестира пред сè со многу висока температура, над 39 степени па и 40 степени која трае повеќе денови и која не се спушта со антипиретици.
„Се јавуваат промени по кожата од типот на осип кој се јавува на лицето, на рацете, на телото, може да имаат и осип во устата, очите стануваат црвени, конјуктивите се хиперемични, настанува и воспаление на белите дробови, срцева слабост, тахикардија, бледило на кожата. Мултисистемски инфламаторен синдром предизвикува кај децата и стомачни тегоби, болки, гадење, повраќање, ентероколит, како и бубрежна инсуфициенција, пореметување на коагулација на крвта, пореметување на свеста, главоболки и грчеви“, истакна Софијанова.
Кога се во прашање на пост-ковид состојби, Софијанова вели дека праксата покажува и зголемен број на деца со воспаление на слепо црево, зголемен број на случаи со јувенилен дијабетес, како и пораст на малигни заболувања. Но сепак ќе треба дополнителни истражувања за да може да се потврди дали постои нивна поврзаност со Ковид 19. Во однос на вакцинацијата таа истакна мислење на целосна поддршка за вакцинација на децата над 12-годишна возраст како и оние кои имаат хронично заболување.
Претседателот на Лекарска комора, проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, истакна дека пост-ковид заболувањата се сериозен предизвик со кој допрва ќе треба справуваат пациентите, здравствените професионални и здравствениот систем. Лекарска комора досега организираше 15 онлајн дискусии на различни теми поврзани со превенција и третман на Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

