Македонија
Софија Куновска: И мене ме разреши СДСМ зашто реагирав дека слават во барокниот театар
Немаше да го напишам овој текст ако не почуствував дека сега е моментот да бидеме искрени до крај ако навистина сакаме да го вратиме општеството на вистинскиот колосек пред портите на ЕУ и НАТО. Моите омилени колумнисти и новинари се фокусирани на исклучувањата на членови на ВМРО-ДПМНЕ како одраз на едно неподносливо отсуство на демократски капацитет за поинакво, различно мислење. Исклучувањата во сегашната опозиција се направија со еден единствен состанок на Извршен во еден ден, се огласи на Фејсбук Софија Куновски.
„По тој повод не знам дали смеам да потсетам а да не бидам анатемисана, дека и СДСМ не е вакцинирана од истатата појава но единсвената разлика е што дејствува само малку поелегантно. Но навистина, многу малку поелегантно. При десетици живи сведоци, жртви на елиминација, највисокото раководство на СДСМ не се либи да го критикува својот политички конкурент за нетолеранција кон инакумислечките. И ако случајно некој се прашува, тоа е одговорот зошто во првите редови недостигаат многу умни и искусни борци, пред се личности, од редовите на СДСМ.
И нека не знам многу за нив, иако знам, но за себе сигурно знам, дека различното мислење во два-три наврати, “скапо” го платив. Мојата реакција за прославата на една приватна компанија во новиот стар театар за што челниците на СДСМ се правдаа со партиско соопштение , спротиставувањето да гласам за Чавков да биде дополнителен министер за внатрешни во Пржинската влада, несогласувањето Лиле ДОМ да биде дел од пратеничките листи, беа доволна причина за моја елегантна елиминација.
Промената на Статутот на партијата за да може “шефот” да именува локални претседатели на општински организации (а не како порано да бидат избирани од членството на соодветна конференција), познато како ВМРОИЗАЦИЈА на СДСМ е уште пострашна приказна за која исто така не пропуштив жестоко да реагирам. Контрареакциите беа еднакво брутални како овие во ДПМНЕ. Па мислете си вие дека е нешто различно ваму или таму. И да се разбереме, не жалам за ниту една своја постапка и не се жалам што денес сум надвор од играта. Моите различни ставови беа свесно изразени и подготвена бев за “цената“ затоа што верував и верувам во прогрес на нашата држава доколку неа ја водат луѓе со интегритет, храброст и верба во вредности. Во спротивно го имаме ова што го имаме.
А кога сме кај Скопје 2014 и гласањето на Канческа за отворање на постапката за измена на Уставот, пристојно е сите ние да се запрашаме дали со ова е легализирана најголемата идеолошка пералница на народните пари. Смеам ли јавно да го запрашам премиерот на РМ дали е подготвен бројчаникот на Триумфалната капија да го стартува од минус една милијарда или и тој и неговите лојалисти и понатаму немушто ќе не убедуваат дека гласањето нема да го загрози владеењето на правото и борбата против корупцијата, како европски вредности? Не за друго, туку просто боли тоа Скопје 2014 затоа што заради него прскокнувавме полициски барикади, бев една од нагласните или највокалните, верно ги бранев ставовите на мојата партија, се изложив на многу непријаности од тогашниот режим кој цутеше во својот зенит, вложив многу енергија и во Советот на Град Скопје и во Собранието како пратеник, а денес сведочам на бришењето на задникот со сето тоа од страна на моите сопартијци.
Ниту оградата околу Влада не е помрдната а камо ли нешто повеќе. Толку од вредностите и заедничката борба, засега. Но, она што можеме веднаш и е здраво за сите нас, е со ист аршин да ги мериме работите на двете страни. И за демократски капацитет и за чесност и за принципиелност“, напиша Куновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Немам никаква поврзност со било која фирма за марихуана
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во одговор на новинарско прашање рече дека нема никаква поврзност со било која фирма за марихуана и ја прозва Владата наместо дефокус да одговори со кои луѓе од власта е поврзана фирмата „Алфафарм“, наведена во документ на српското Обвинителство.
„Со кој е таа фирма, која е наведена во документ на српското обвинителство, поврзана? Дали е поврзана со некои луѓе од сегашната власт?“, праша Филипче.
Претседателот на СДСМ додаде дека власта прави дефокус од најголемиот нарко-скандал во регионот за да одбегне одговрност за тоа како 5 тони дрога ја поминале македонската граница.
„Коментирав неколку пати и ќе го повторам ставот – тоа е апсолутно само една форма на дефокус. Јас немам никаква поврзаност со било која фирма за марихуана во државата. Повторно е тоа обид да се избегне одговорот на вистинското прашање – како пет тони марихуана, 4–5 шлепери, поминале преку граница и завршиле во Србија. Како поминала на полициска контрола? Како поминала на царинска контрола на граница? Тоа се прашањата. Сè друго е голем дефокус“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека во изминатиот период и тој лично и партијата се изложени на лажна кампања и серија фабрикувани обвинувања.
„ВМРО-ДПМНЕ контролира една голема мрежа на медиуми тие се во целосна координација не само сега изминатите повеќе од 10 години со медиумската мрежа којашто ја контролирана од луѓе на унгарскиот премиер Орбан. Еве како излезе прво Жан Митрев, некое смешно обвинување како јас сум влијаел на судски процеси да можам болницата, па Дубаи, па Харис Џиновиќ, па авиони, ме поистоветија со убиец на деца, па дека сум се дрогирал што уште нема да измислат. Модуларната болница ја спомнуваат во Тетово. Дали мислат на оние луѓе семејства коишто ги изгубија таму членовите на семејствата? Дали на тие луѓе помислуваат. Не ме чуди овој систем на медиумска хајка којшто го водат, поради тоа што овој систем на медиумска хајка и лажни вести, лажна кампања, е воден од луѓе кои додека седат во собранието им се потсмеваат на родителите на децата што загинаа во Кочани“, рече Филипче.
Македонија
Пробиен последниот тунел од пругата кон Бугарија
Директорот на Јавното претпријатие Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски на својот фејсбук профил објави дека е пробиен и последниот тунел од вкупно 15-те, во делот на изградбата на пругата Бељаковце- Крива Паланка.
„Бележиме прогрес. Изутринава го пробивме и последниот тунел од вкупно 15те од вториот дел од градбата на пругата кон Бугарија ( Бељаковце – Крива Паланка).
Пробивањето на тунелите се смета за една и од поспецифичните градежни активности. А на овој проект оваа позиција е веќе завршена. И натаму моменталниот прогрес од страна на изведувачот не е според очекувањата но можам да соопштам дека најспецифичните сегменти од проектот полека се надминуваат и очекувам месеци на посериозна оперативна активност и видлив прогрес. Коридорот 8 е од стратешко значење за Македонија и за НАТО и како таков сериозно се работи на неговата изградба и поврзување на Јадранско Море со Црно Море”, објави Ивановски.
Македонија
Свлечишта и поплавени домови и улици во Тетово и Гостивар
Како последица од обилните врнежи од дожд во северозападниот регион, подрачјата што ги покриваат Регионалните центри за управување со кризи Тетово и Гостивар бележат поголем број интервенции поради поплави и свлечишта, информира Центарот за управување со кризи, според последните информации од терен до 13 и 30 часот.
Во Тетово пријавен е паднат потпорен ѕид врз семејна куќа на улица 146. На терен се излезени Кризниот штаб на Општина Тетово, полициска екипа од ПС Тетово и општинските инспекциски служби.
Евидентирано е свлечиште на патот кон Попова Шапка, на околу 150 метри од жичарата. Одронот претставува ризик за околните станбени објекти.
Големо свлечиште е регистрирано на улица 195, на патниот правец од с. Џепчиште кон с. Џермо. Патот е непрооден за цело маало.
Свлечиште е пријавено и на улица „Прохор Пчински“.
Во село Вејце пријавено е свлечиште над куќа со веќе постоечки оштетувања од земјотресот.
Во Општина Желино, реката Вардар се излеа во село Стримница, при што се поплавени пет куќи. Поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат.
Во Општина Теарце пријавени се поплавени подрумски простории во село Теарце. Известени се надлежните институции.
Во Општина Јегуновце поплавен е локалниот пат од село Сиричино кон село Јегуновце. Општината испрати механизација и се очекува нормализирање на сообраќајот.
Во Гостивар состојбата се стабилизира по престанокот на врнежите. Реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлечени во своите корита.
Во село Форино, по излевањето на реката Вардар, водата е повлечена од улиците. Поплавени се околу 200 куќи. Во тек е испумпување на водата со ангажирање на служби и локално население.
Кумановски регион
На подрачјето на Куманово, како и во Општина Липково и Општина Старо Нагоричане, во моментов нема опасност од излевање на реките – водостојот е намален и водата е повлечена во коритата.
Од вчерашните врнежи:
Во село Опае (Општина Липково) поплавено е земјоделско земјиште по излевање на Слупчанска Река.
Дел од земјоделските површини се поплавени и во село Оризаре.
Во село Доброшане, кај мостот кон село Шупли Камен, имало насобран отпад и локално излевање на обработливо земјиште. Во моментов нема опасност.
Во населба Бедиње е однесен дрвен мост од надојдената река. Известени се надлежните служби.
Кичевски регион
Во Кичево врнежите престанаа и нивото на реките е намалено. Состојбата во градската болница е нормализирана.
Евакуирани се 250 лица (62 семејства), на кои им се доставува храна, вода и неопходни средства.
Екипите на ЈП „Комуналец“ и ТППЕ вршат испумпување на водата од подрумите на улиците: Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември, како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка.
Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита во општината.
Скопски регион
Во Скопје е пријавена надојдена вода кај мостот во Јурумлери (граница меѓу општините Аеродром и Гази Баба), како и минимално излевање на реката Вардар кај село Пакошево – Ново Село, во Општина Зелениково. Засега нема други пријави.
фото/илустрација

