Македонија
Социјалните семејства од Гевгелија од утре ќе можат да аплицираат за станови
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочаврски, директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Зоран Ѓорѓијев, како претставници од Центарот за социјални работи од Гевгелија, денеска извршија увид во изградената зграда за социјално ранливи семејства во Гевгелија.
При посетата, министерот Бочварски истакна дека од утре сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат условите од јавниот повик што исто така ќе биде објавен утре, ќе можат да аплицираат за социјален стан.
Јавниот повик ќе трае од 16 февруари до 20 март и на него може да аплицираат шест категории на граѓани и тоа: Деца без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, лица припадници на Ромската заедница- социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите како и самохрани родители со малолетни деца.
„Би ја искористил приликата да упатам апел до сите граѓаните кои ги исполнуваат условите да аплицираат до Центарот за социјални работи во Гевгелија. За оние кои не се во можност сами да ја комплетираат потребната документација, Центарот за социјални работи Гевгелија, ќе ја обезбедува потребната помош за обезбедување на целокупната документација согласно објавениот оглас. Грижата за најранлините категории граѓани е посебно изразена сега во време кога ни претстои најголемиот предизвик со оправување од енергетската и економската криза. Како Влада, остануваме силно посветени и оваа година во обезбедување на топол дом за најранливите семејства, ”изјави министерот Бочварски.
Изградбата е во вредност од 102 милиони денари.
„Колективната, станбена зграда во Гевгелија е со површина од приближно 2400 метри квадратни со четири катови и приземје. На приземје има 4 стана наменети за инвалидизирани лица. На катовите има по 12 стана, односно зградата вкупно располага со 52 стана со површина од 35м2 до 49м2, 52 подрумски простории и 5 деловни простории. Во склоп на парцелата има и отворен паркинг простор со 22 паркинг места.
Зградата ја завршивме во август минатата година“, изјави Зоран Ѓорѓијев, директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката.
Министерот Бочварски истакна дека во следниот период ќе се распределуваат социјалните згради во Демир Капија а потоа и во Неготино.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски за платите на функционерите: се намалуваат за над 10.000 денари, законското решение е согласно Устав
„Поднесовме предлог на измена на шест закони, со овој пакет на закони се опфаќаат Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на судскиот Совет, со коешто се воспоставуваат реални висини на плати“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието.
Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Устав и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.
„Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот, и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд“, рече Стојаноски и додаде:
„Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец. За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари“.
Македонија
Бесплатен логопед за децата од Општина Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска потпиша меморандум за соработка со здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“, со што се овозможува индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост.
Со ова, децата од Аеродром добиваат бесплатен пристап до стручна логопедска поддршка, рано препознавање на развојните предизвици и навремена интервенција — важен чекор за нивниот правилен развој, сигурност и самодоверба.
Услугата ќе биде бесплатна за лицата што ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
„Обезбедуваме и поддршка за родителите преку советување и насоки, со цел секое семејство полесно да стигне до потребната стручна помош без дополнителни финансиски оптоварувања“, вели Митевски.
фото/Depositphotos
Македонија
Политичарите да се воздржат од коментирање на одлуката за притворот на Груби, апелира Здружението на јавните обвинители
Здружението на јавните обвинители апелира до сите политички партии и функционери да го почитуваат и да не го загрозуваат начелото на поделба на власта и да се воздржат од јавна реторика со која ја нарушуваат самостојноста на јавните обвинители во одлучувањето.
Од таму велат дека во изминатите денови сведоци сме на неодговорни изјави со кои одредени политичари селектираат и прозиваат поединечни јавни обвинители, коментирајќи ги јавнообвинителските одлуки без воопшто да бидат запознаени со конкретен предмет и доказите.
„Ова кулминираше во политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот “Државна лотарија”. Ваквата јавна реторика мора да престане, а останатите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат. Здружението на јавните обвинители е професионална организација, која нема овластувања да интервенира или да ги коментира одлуките на јавните обвинители при работата на конкретни предмети. Но, Здружението има право и обврска да ја заштити самостојноста на обвинителите кои стручно и одговорно ја вршат својата функција и да се бори за соодветни услови во кои тие ќе работат непречено“, се наведува во соопштението.

