Македонија
Сојузот на средношколци апелира институциите да ги прифатат барањата на вработените во испитниот центар
Денес, од 10 до 14 часот, 15.620 матуранти ширум целата држава го полагаа испитот по мајчин јазик од државната матура. Првиот екстерен испит е задолжителен за сите ученици.
Според информациите на Државниот испитен центар, околу 10.800 матуранти полагале Македонски јазик и литература, околу 4.400 Албански јазик и литература, а 357 кандидати полагале Турски јазик и литература.
Мнозинството од нив се од средното стручно образование, потоа следат гимназиите, а најмалку застапени се учениците од средното уметничко образование.
Според прелиминарните информации на Сојузот, полагањето на првиот екстерен испит поминало во најдобар можен ред и до Сојузот засега не се пристигнати жалби или поплаки по одржувањето на испитот.
Сојузот на средношколци смета дека не смеат да се заборават вработените во Државниот испитен центар бидејќи благодарение на нив државата успеала да го организира првиот екстерен испит од државната матура во предвидениот рок.
Ставајќи го штрајкот во мирување, вработените во ДИЦ својот економски интерес го ставија под интересот на оваа генерација матуранти да полага државна матура во дадениот рок и да се здобие со навремени резултати, потребни за запишување на понатамошни студии.
Токму затоа, Сојузот упатува уште еден јавен апел до Министерството за финансии да ја испочитува доблесната одлука на овие 29 луѓе и да ги прифати нивните барања за изедначување на платите со зголемувањата на минималната плата.
Македонските матуранти веќе ја одбранија својата проектната задача, што значи дека им остануваат вториот екстерен испит, којшто е закажан за 10 јуни, и двата интерни испити, кои се полагаат во периодот од 12 до 30 јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

