Македонија
Сојузот на средношколците поднесе иницијатива до Уставниот суд: сите ученици да имаат бесплатен јавен превоз
Сојузот на средношколците поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на членот 41 А од Законот за средното образование.
Законските измени што ги предлага Сојузот се однесуваат на правото на бесплатен јавен превоз на сите средношколци. Претседателот на Сојузот, Лука Павичевиќ, на денешната прес-конференција рече дека моментно не се третирани сите средношколци еднакво бидејќи има повеќе категории средношколци што ова право го немаат.
„Во март одржавме прес-конференција и најавивме дека нашите предлог-измени на Законот за средното образование во однос на овој член ќе ги поднесеме до Собранието и им дадовме рок од два месеца, односно до 15 мај, да го стават во постапка и да го донесат бидејќи не стануваше збор за обемен и сложен закон, туку за интервензија во само еден член“, рече Павичевиќ.
Тој вели дека најмногубројни се учениците од приватните училишта, но и учениците од стручните училишта, кои посетуваат феријална практика во текот на распустите.
„А феријалната практика е училишна обврска пропишана и со закон и пропис. Исто така, и учениците со посебни образовни потреби, кои се сместени во училишните домови и посетуваат т.н. специјални училишта, немаат право на јавен превозбидејќи нивните домови се веднаш до училиштата. Ова создава нееднаква и отежната состојба за овие лица“, рече тој.
Немаат право на бесплатен превоз ниту учениците што живеат на помалку од 2,5 километра од училиштето.
Според него, сегашните одредби во законот се косат со членовите 9 и 44 од Уставот. Членот 9 вели дека сите граѓани се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на косата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. А членот 44 од Уставот, пак, вели дека секој има право на образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на Ѓавато и во Крушево
Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри утрово има на планинскиот премин Ѓавато и Крушево, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Министерот Стоилковиќ објави видео од канцеларија со импровизирани кревети во кои работеле службеници од ДУИ
Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, објави снимка на социјалните мрежи на која, според него, е прикажана канцеларија во неговото Министерството, а во која биле службеници од ДУИ кои биле отпуштени на 24 декември.
„Ова е канцеларијата во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што го гледате, во која „работеа“ вчера отпуштените службеници кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирањето на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку!“, напиша Стоилковиќ.
ДУИ претходно обвини за дискриминација поради тоа што од Министерството биле отпуштени седуммина Албанци.
Македонија
Променливо облачно време со сончеви периоди, температура до 10 степени
Утрото ќе биде облачно, во крајните југозападни делови ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Во текот на денот ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во текот на денот со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Следува период на стабилно и студено време со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).

