Македонија
Сојузот на средношколците со поддршка за студентите
Сојузот на средношколците, во духот на солидарноста со нашите партнери од Универзитетското студентско собрание при УКИМ, изразува јавна поддршка на студентските собранија и им честита на вчерашната победа, се наведува во соопштението испратено од таму.
Апелираат да се размислува за изнаоѓање системско решение за субвенционираниот студентски оброк, кој личи на моделот применуван во европските земји, конкретно Словенија. Според нив, освен финансиската, важна улога мора да играат и нутритивната и економската димензија.
„Скорешните настани ја покажуваат важноста на вклучувањето на засегнатите страни во процесите на одлучување, априори, т.е. уште кога ќе се работи на првиот нацрт. Државните институции мора да размислуваат стратешки, а не да чекаат да се создаде револт што ќе ги коригира нивните грешки. Воедно, Сојузот на средношколците ја користи оваа пригода да ја поздрави предлог-мерката за дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓаните, која предвидува месечна финансиска поддршка од 3.000 денари за сите средношколци. Оваа предлог-мерка на прес-конференција ја образложи пратеникот и претседател на собраниската Комисијата за финансии и буџет, Бојан Стојаноски. Оваа приоритетна мерка е голем чекор во зголемување на средношколскиот стандард, а ќе им помогне на средношколците во ова време на криза. Сојузот на средношколците ги повикува сите пратеници во најкус можен рок да ја поддржат мерката, со што ќе нè поддржат и нас“, посочуваат од Сојузот.
Средношколците, како што додаваат од таму, мора да бидат вклучени во дизајнирањето на политиките што ги засегаат. Информираат дека Сојузот, како и досега, ќе продолжи да се залага и да предлага мерки што ќе ги штитат средношколците и ќе го застапуваат нивниот интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Запирање на имигрантските визи од САД – стратешки шамар за домашните вазали“, велат од Левица
„Политиката на едностраното „Стратешкото партнерство“, интерпретирано преку вазалски однос кон САД, резултираше со нов шамар за слугите на империјата, реализиран преку запирање на постапката за имигрантски визи кон Македонија“, велат од Левица.
„Илузијата создавана пред граѓаните, за уживање на некаква поддршка кај т.н „стратешки партнер“, наиде на уште еден удар со суровата реалност. Најголем успех во надворешната политика на политичарите на власт, а и Владата во целост остана фотографиите од трибини или со политичари од шести ешалон на САД, кои немаат никакво влијание на односите помеѓу двете земји.
Потсетуваме дека на оваа одлука на американската администрација и претходеше воведувањето трговски маржи и царини за Македонија, по што во немоќ и коленичење, Владата на Мицкоски донесе одлука за целосно укинување на царините кон САД.
Отстапувањето од децениските позиции на државата, проследени со гласањето против укинувањето на санкциите кон Куба, поддршката на американските резолуции за Украина и поддршка на империјалистичките апетити и интервенции, како последната во Венецуела, само го руши угледот и ги загрозува позициите на Македонија во надворешната политика, без притоа да има апсолутно никаков импакт.
Мицкоски и Муцунски не можат да научат дека вазалскиот однос кон САД не е и не може да биде „стратешко партнерство“.
Ова уште еднаш докажа дека кусогледоста на власта и дипломатскиот аматеризам ја воведоа Македонија во стратешки ќор сокак. Алтернативи за развој на државата надвор од уздите на западниот неоимперијализам постојат. Но, за тоа е потребна промена на надворешно-политичкиот курс и отворање кон перспективите што ги нуди остатокот од светот, политика за која актуелната власт очигледно нема капацитети“, соопштуваат од Левица.
Македонија
СДСМ: Изолациската дипломатија на Мицкоски ја носи Македонија во „периметар Сомалија“
СДСМ обвини дека Македонија, поради политиките на актуелната власт, завршила на листа со 75 земји оценети како „трет свет“, меѓу кои и Сомалија, оценувајќи дека тоа е резултат на изолациската дипломатија на премиерот Христијан Мицкоски.
„Периметар Сомалија, тоа е дипломатијата на Христијан Мицкоски“, се наведува во соопштението на партијата.
Од СДСМ посочуваат дека минатата година САД ги зголемиле царините кон Македонија, а сега следува и суспензија на визите. Според партијата, со месеци предупредувале дека, „тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ го загрозува стратешкото партнерство со САД и ја носи државата во изолација, далеку од Европската Унија“.
САД претходно ги суспендираа имигрантските визи за 75 земји, меѓу кои и Македонија.
Македонија
Денеска температурата до 13 степени, викендов променливо облачно и постудено
Сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво

