Македонија
Со бесплатно сместување и храна, Македонија им помага на турските студенти што допатуваа од погодените подрачја
Министерството за образование и наука и Владата ќе им помогнат на студентите од погодените подрачја од земјотресите во Турција, кои студираат на универзитетите во нашата земја, со цел полесно да го надминат тешкиот период во кој се наоѓаат поради огромните човечки и материјални загуби во своите родни места.
Понудено им е привремено бесплатно сместување и исхрана во државните студентски домови, како и правна помош, која воедно тие и самите ја побараа.
Ова го изјави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, при посетата на Меѓународниот балкански универзитет, каде што во моментот студираат 100-ина државјани на Република Турција.
„На моја иницијатива денес дојдов во посета на Меѓународниот балкански универзитет, да се сретнам со студентите што доаѓаат од оваа држава, поточно од погодените подрачја од катастрофалниот земјотрес минатиот месец. Многу од овие студенти загубија членови на своите семејства, ги загубија домовите, а некои загубија буквално сè и потребна им е поддршка. Дојдов да поразговарам со нив, да ги слушнам нивните потреби и секако да ги известам што ние како министерство можеме да понудиме за да се ублажи ситуацијата во која се наоѓаат“, рече Шаќири.
Според информациите што министерот ги добил од студентите, тие најчесто имаат потреба од дополнителни финансии заради намалување на секојдневните трошоци, кои, како што рече, нивната потпора во родните места не е во можност да ги поддржи и покрие во моментот. Во таа насока веднаш им се предложени бесплатно сместување и исхрана во државните студентски домови.
Шаќири потенцира дека на студентите им е понудена и правна поддршка во согласност со капацитетите на Министерството, така што секој студент може да се обрати до МОН и да дојде во просториите на правната служба и да се консултира за тоа што е негов фокус.
„МОН ќе поднесе и иницијатива до Владата за обезбедување еднократна парична поддршка за секој студент од погодените подрачја, но дополнително ќе ги известиме студентите и јавноста за одлуката бидејќи за овие фискални импликации се консултираат повеќе страни и институции“, рече министерот.
Со Турција и турскиот народ, истакна министерот, остануваме пријатели и ќе продолжиме да си помагаме секогаш кога ќе има потреба, во добро и во вонредни состојби, каква што е оваа, затоа што само така ќе ја ублажиме болката и ќе им помогнеме на оние најпогодените да излезат посилни од целата оваа ситуација.
Во државата има речиси 200 турски студенти само во Скопје и во Штип, кои доаѓаат од погодените подрачја и некои од нив веќе побарале одредена помош од факултетите на кои студираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.

