Македонија
Со гордост ќе ја претставувам Северна Македонија на оваа висока меѓународна позиција, рече Шекеринска

Радмила Шекеринска, која беше назначена за втор човек на НАТО, односно заменик-генерална секретарка на алијансата, утрово се заблагодари за честитките и поддршката.
„Вашите искрени честитки многу ми значат и ми даваат дополнителна сила и мотивација за предизвиците што претстојат. Се извинувам што не можам да одговорам на сите ваши пораки поединечно. Пред мене е одговорност, која бара целосна посветеност и работа на теми кои се клучни за глобалната безбедност и стабилност. Ќе продолжам да се залагам за вредности што ги зацврстуваат мирот, соработката и интеграцијата меѓу земјите членки на НАТО, но и да ја претставувам Северна Македонија со гордост на оваа висока меѓународна позиција“, напиша Шекеринска на социјалните мрежи.
Вели дека секој збор на поддршка е и потсетник дека успехот не е само личен, туку е и успех за нашата држава.
„Заедно покажуваме дека Северна Македонија има што да понуди на глобално ниво. Ви благодарам од срце! Вашата поддршка ми значи многу“, додава Шекеринска.
Државниот врв сè уште не упати честитка за оваа висока функција, на која првпат застанува политичар од Македонија, но и од Западен Балкан.
Северна Македонија стана 30-тата членка на НАТО пред четири години кога Шекеринска беше министерка за одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Аеродром и Гази Баба денеска без вода

По добиеното известување од ЈП Водовод и Канализација, Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје информира дека денеска поради планирани зафати без водоснавбдување ќе останат:
· поради изведување на водоводен приклучок ф 80 мм на улица Блажо Орландиќ бр.38 А, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците на потегот од булевар Србија до улица Тодор Чангов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности. (општина Аеродром)
· поради дефект во шахта (промена на прв вентил ф 2.5“) на улица Ташко Караџа бр.3, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Ташко Караџа, Трифун Хаџијанев и Христо Ботев од 09:00 часот до завршување.(општина Гази Баба)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне услови за краткотраен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 25 до 30 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Времето во наредните денови
Од петок до почетокот на следната седмица под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 l/m²). Во петок ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура значително ќе опадне (од 10 до 13 степени) во однос на денешната.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, изразувајќи почит кон неговата улога како глас на разумот и правдата во време на големи глобални предизвици и тектонски промени во меѓународниот поредок.
Според неа, водството на Гутереш отвора простор за спроведување на потребните реформи на светската организација, а одличното партнерство со тимот на ОН во земјава, резултира со значајна поддршка на реформите за владеење на правото, борбата против корупцијата и доброто управување – приоритети кои се клучни за македонската европска интеграција.
Сиљановска-Давкова му се заблагодари на Генералниот секретар на ОН за безрезервната поддршка на македонскиот пат кон ЕУ и за неговата позиција за потребата од забрзување на евроинтегративниот процес.
За претседателката, во интерес на ефективниот мултилатерализам, ОН треба да ја зајакнат својата улога и да бидат главната арена за справување со глобалните предизвици – од војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, до климатската криза и спроведувањето на Агендата 2030.
Нагласувајќи ја важноста на женското лидерство, таа укажа дека активно се спроведува и Вториот национален акционен план за жени, мир и безбедност.