Македонија
Со една доза вакцинирани се 49,4% од населението над 18-годишна возраст

Заклучно со 17 октомври со една доза на вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 49,4% од населението над 18-годишна возраст. Кај лицата над 40-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 57%, кај лицата помеѓу 18-39 години опфатот со една доза на вакцина изнесува 33%, соопшти Министерството за здравство.
Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во Охрид(65,1%), Кавадарци(65,3%), Неготино(66,3%), Гевгелија(62,4%) и Ресен(60,6%).
Помеѓу 50-60% опфат на вакцинирано население со прва доза има во Битола, Кичево, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Скопје, Валандово, Штип, Пробиштип.
Помеѓу 40-50% опфат на вакцинирани граѓани има во Кичево, Свети Николе, Кочани, Виница, Делчево, Крива Паланка, Струга, Македонски Брод и Тетово.
Помеѓу 30-40%, односно најмалку вакцинирани во моментов има во Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и Радовиш.
„Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде што граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Вакцини има доволно и истите се достапни за сите што сакаат да се вакцинираат. Со извршена комплетна вакцинација се заштитувате себеси и своите најблиски од компликации на болеста предизвикана од вирусот Ковид-19. Вакцините штитат од смртен исход и спречуваат натамошно ширење на вирусот. Ги повикуваме сите кои досега не се вакцинирале, да го направат тоа во најскоро време на еден од најблиските пунктови до местото на живеење“, велат од МЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавен обвинител бил во „Макпрогрес“ ама увидот не е почнат, пожарот уште тлее

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Кочани бил во фабриката „Макпрогрес“ но, како што информира Државното јавно обвинителство, увидот се уште не е почнат бидејќи пожарот не е во целост изгаснат и се уште траат активностите за обезбедување на локацијата.
– Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот, информираат од Јавното обвинителство.
Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна вчеравечер околу 18 часот при што беа опожарени магацински и производствени погони. Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од неколку соседни општини.
Сите се во стабилан здравствена состојба. На осум лица, вработени во фабриката, им била укажана лекарска помош во Клиниката за токсикологија во Скопје. Четворица од пожарникарите кои учествуваа во гаснењето на пожарот, биле примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип.
Македонија
Полициски хеликоптер и два ер трактори се борат со пожарот кај Раштак

Пожар попладнево изби над скопското село Раштак на Скопска Црна Гора. Чадот од пожарот се гледа од поголем дел од Скопје.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека пожарот се гасне и од воздух и дека се вклучени два „ер трактора“ и еден полициски хеликоптер.
– Во гаснењето учествуваат повеќе екипи на БППЗ Скопје, тим на ДЗС, два ер трактора на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Македонија
Сите хоспитализирани од пожарот во Виница се во стабилна здравствена состојба, соопшти МЗ

Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба, соопштија попладнево од Министерството за здравство.
Осум лица, вработени во фабриката, биле на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Во гаснење на пожарот во Виница, покрај пожарникари од виничката Територијална противпожарна единица, вчера биле вклучени и пожарни единици од соседните општини.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.