Македонија
Со кружниот тек нема да се затвораат улици, реагира Општина Кисела Вода

Општина Кисела Вода информира дека во делот кај кружниот тек на автобуската станица на последна дваесет и четворка е постигнат договор со Град Скопје и е изнајдено решение што би значело дека нема да се затвораат улици, од што стравуваше околното население.
„Општина Кисела Вода е во редовна комуникација со Град Скопје за сите проблеми кои ги засегаат жителите на Општина Кисела Вода, а чие решение е под ингеренција на Градот Скопје. Сакаме да ве информираме дека за улицата Христо Татарчев 1 за која пишувате, во делот кај кружниот тек на автобуската станица на последна дваесет и четворка, е постигнат договор со Град Скопје и е изнајдено решение, што би значело дека нема да се затвораат улици, од што стравуваше околното население“, се вели во писмената реакција.
Дополнително, од Општината информираат дека е продолжен процесот за експропријација на земјиштето за изградбата на кружниот тек да може да продолжи.
Жителите на Кисела Вода, кај последната автобуска станица 24, денеска повторно излегоа на протест поради кружниот тек со кој тие стравуваат дека ќе се затвори улицата која ги поврзува главната улица Христо Татарчев и булеварот Србија кон Ново Лисиче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пронајдени двете девојки од Португалија кои се изгубија во реонот на Водно – Матка

Денес околу 17.00 часот од страна на Центарот за управување со кризи бевме известени за две изгубени туристки во реонот од врвот на Водно кон Матка, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што информираше Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување итно извршила мобилизација на тимот за спасување на планина од Тетово и истиот веднаш бил упатен во пребарување на теренот.
Во 18.40 двете девојки од Португалија беа пронајдени и однесени до ресторанот Матка каде ги пречека Конзулот на Република Португалија, додава Ангелов.
Македонија
Дел од Ѓорче Петров утре без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улиците Веле Марков, Ибе Паликуќа, Воин Драшковиќ, Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Меџити прими жители од Страчинце: Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ги прими во својот кабинет жителите од селото Страчинце, со кои одржа отворен состанок за одлуката за одбивање на барањето за отворање на каменолом во оваа скопско село.
Министерот Меџити ги информираше жителите за професионалните и институционалните причини што доведоа до оваа одлука. Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина, ризик од поплави и негативно влијание врз јавното здравје, велат од Министерството.
На состанокот беше истакнато дека приоритет е заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата во Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце се заблагодарија за одлуката и за приемот што го оствари министерот Меџити, нагласувајќи дека овој состанок е пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.