Македонија
Со новата лабораторија за два часа ќе се знае дали мазутот го труе воздухот
Квалитетот на мазутот ќе се испитува за два часа во новата лабораторија што денеска ја промивираа министерот за економија, Крешник Бектеши, директорката на Бирото за метрологија, Мерита Мустафаи, и в.д. директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска.
Како што истакна Бектеши, оваа нова лабараторија е опремена со автоматизирана опрема со седум мерни инструменти и екипирана е со стручен кадар обучен за тестирање повеќе од 10 параметри на мазутот. Опремувањето чини 24 милиони денари, а резултатите од анализите ќе се добиваат во кус временски период и во промет ќе се пуштаат само горива со проверен квалитет.
„Резултатот од повеќемесечна посветена работа е оваа лабораторија, опремена со комплетно автоматизирана мерна опрема, со нови мерни инструменти, на кои ќе се тестираат мостри од мазут, земени од терен. Ова е мерна опрема, со која целосно се задоволуваат барањата на стандардот МКС Б.Х2.430 за тестирање на квалитетот на маслата за горење. Несомнено, оваа лабораторија редовно ќе ги следи барањата на европските и меѓународните стандарди и прописи и редовно ќе учествува во меѓулабораториските испитувања рамо до рамо со европските лаборатории затоа што Бирото за метрологија секогаш се ставало во функција на корисниците на услуги, а со тоа и на развојот на економијата во целост“, изјави министерот Бектеши.
Директорката на Бирото за метрологија, Мерита Мустафаи, истакна дека лабораторијата е опремена со автоматизирана мерна опрема, 7 нови мерни инструменти, со кои ќе се тестира квалитетот на мазутот, а е екипирана и со стручен кадар, обучен за тестирање повеќе од 10 сет параметри на мазутот, со што целосно се задоволуваат барањата на стандардот МКС Б.Х2.430 за квалитетот на маслата за горење.
„Тоа се светски признати методи за тестирање, засновани на ASTM, ISO и EN-стандардите, усвоени од Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија, со кои ќе може да се одреди содржината на сулфур, кокс, пепел, вода и механички примеси во мазутот, но и други квалитативни својства на маслата за горење, пуштени во промет на домашниот пазар (дестилација, густина, точка на палење, кинематички вискозитет, точка на течење и топлинска моќ)“ рече директорката на Бирото за метрологија.
Директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска, истакна дека со оваа набавка на новата лабараторија за анализа на квалитетот на мазутот ќе се овозможат еднакви услови за работа на сите економски оператори и ќе се регулира незаконското работење, пред сѐ, во делот на контрола на безбедност на производите и контрола на квалитетот на производите што се пуштаат на пазарот.
„Постојано вршиме контрола на мазутот при увоз во државата заедно со Царинската управа и исто така во периодот кога имаме земено мостри, во два случаја имаме пронајдено дека не соодветствува со квалитетот и преземени се соодветни мерки, меѓутоа во последниот период сите анализи што ги земаме покажуваат дека мазутот е со соодветен квалитет. Во наредниот период со новата лабараторија ќе можеме резултатите од земените мостри да ги добиеме во најкус можен рок“, потенцира Симеска-Димоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Свечена седница на Советот на општина Карпош
Во рамки на планираните активности, Советот на Општина Карпош одржа Свечена седница, заседавајќи по третпат откако е конституиран новиот состав на ова тело. Во таа насока, советниците од Карпош разгледуваа две точки кои се најдоа на денешниот дневен ред.
На самиот почеток пред присутните се обрати градоначалникот Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја образложи потребата од одржување на Свечената седница.
– „Почитувани советници. Како што сте веќе информирани, оваа среда Општината го одбележува 49-тиот роденден со Свечена манифестација, во чии рамки врачува Плакета на заслужен граѓанин за 2025 година. Затоа ве повикувам, ова признание да го доделиме достоинствено и обединето, како благодарност и како порака дека општина Карпош знае да ги вреднува своите сограѓани. На тој начин би сакал да покажеме дека зад оваа одлука стои Советот како институција, да испратиме јасна порака, дека секој што работи за доброто на нашата локална заедница, без разлика на неговите политички, верски, етнички или било какви други убедувања, ќе биде препознаен и секогаш поддржан од наша страна“ – истакна Лукровски.
Првиот човек на Општината потенцираше дека на овој начин локалната самоуправа покажува вистинска посветеност, градејќи стабилна традиција како институција која се грижи за своите најдобри сограѓани.
Во таа насока, мнозинството советници постигнаа консензус околу изборот на заслужен граѓанин на локалната самоуправа, која традиционално ја практикува оваа иницијатива во рамки на одбележување на Денот на Општината. Имено, македонската фудбалска легенда, Драги Сетинов е избран за заслужен граѓанин на општина Карпош за 2025 година. Спортската јавност го познава Сетинов по неговите беспрекорни настапи во фудбалските клубови „Победа, „Вардар“, „Хајдук“ од Сплит и „Етникос“ од Пиреја.
Поддршка од Советот доби и Предлог – Одлуката, со која Општина Карпош ја наградува полициската службеничка Елена Дракулевска, која ја извршува својата функција во Полициската станица од општа надлежност – Карпош. За таа намена, локалната самоуправа од својот Буџет обезбеди финансиски средства во висина од 60.000 денари. Дракулевска ќе добие од Општина Карпош парична награда и Пофалница за заслуги, за нејзиниот исклучителен придонес во унапредување на безбедноста и јавниот ред.
Македонија
Николовски до Трипуновски: На празните листови напиши ја твојата оставка
Пратеникот на СДСМ и поранешен министер, Љупчо Николовски, денеска одговори на обвинувањата на министерот Цветан Трипуновски и истите ги оцени како безпредметни, и го повика да си даде оставка за хаосот што создаде во земјоделието.
„Трипуновски, твоите беспредметни кривични пријави не можат ни оддалеку да го тргнат фокусот од хаосот што го создаде во земјоделството.
Кога сопствената посебна советничка ти е фатена во истрагa за рекет со европски пари се носи политичка одговорност.
Кога најразвојната програма во државата e суспендирана поради коруптивен скандал: се поднесува оставка, се овозможува независна истрага и се молчи од срам, а не со прес-конференции и статуси.
Половина од твоите најблиски соработници се под истрага, со телефони на вештачење, со претреси и информативни разговори. Тоа е реалноста од која бегаш.
Наместо смешни пријави, избери да одговориш на она што секој ден го прашуваат земјоделците:
Кога одгледувачите на овци ќе ги добијат субвенциите?
Кога субвенциите за млеко?
Ќе се исплатат ли сите земјоделци за предаден зеленчук и овошје“.
Го праша и зошто се кратат субвенции во ребалансот, зошто 130 милиони евра европска поддршка се замрзнати.
„Ти, наместо да се соочиш со овие прашања, измислуваш пријави мислејќи дека ќе ја замолчиш вистината. Не оди тоа така, јавноста веќе гледа кој работи, а кој пишува статуси.
Дополнително треба да објасниш: како се копа песок на земјиште дадено за рибник?
Каде заврши земјоделското земјиште доделено изминатава година?
Како точно се подготвува шемата за испумпување буџетски пари преку откупот на грозјето?
П.С. Колкав е рибниот фонд во општина Петровец?
П.С.С Наместо да доставуваш „кривични пријави“ со празни листови само за да дефокусираш и да си го спасуваш образот, подобро земи ги тие празни листови и напиши ја оставката.“ стои во објавата на Николовски.
Македонија
Членови на собраниски комисии со Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија: стабилен партнер, пријател и поддржувач на европската интеграција
Парламентарната дипломатија важен механизам за зајакнување на институционални врски и поддршка на реформските процеси
Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија и Комисијата за европски прашања остварија одделни средби со Делегација на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, предводена од Наталиа Усеро Перес.
На средбата со Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, претседателот на Комисијата, Муса Џафери, истакна дека Шпанија е стабилен партнер, пријател и поддржувач на европската интеграција на Република Северна Македонија. Билатералните односи се карактеризираат со искрено пријателство, политичка поддршка и заедничка посветеност на европските вредности.
Се очекува и понатамошна поддршка од Шпанија во надминувањето на актуелните предизвици поврзани со блокадата од страна на Бугарија на патот кон ЕУ. Во фокусот на разговорот беа и предизвиците со кои се соочуваат земјите во борбата против корупцијата и потребата од заедничко дејствување.
„Ние, како парламент, веруваме дека редовниот дијалог меѓу пратениците на двете земји создава силна основа за развој на демократските процеси, олеснува меѓусебно разбирање и придонесува кон подобри политики во интерес на граѓаните“ – заклучи Џафери.
Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски истакна дека денешната средба претставува важна можност за потврда и дополнително зајакнување на долгогодишната соработка помеѓу девете земји. Со Шпанија споделуваме искрено пријателство, конструктивно партнерство и заедничка посветеност на еропските вредности и стандарди.
Во економска сфера од една страна, нашата соработка бележи позитивни резултати, но постои и голем потенцијал за натамошно проширување особено во делот на енергетиката, инфраструктурата, туризмот, образование и зелените технологии. Од друга страна во областа на парламентарната дипломатија, двата парламенти имаат традиција на плодна комуникација, средбите на високо ниво, парламентарните групи за соработка претставуваат важен механизам за зајакнување на институционални врски и поддршка на реформските процеси.
Наталиа Усеро Перес, истакна дека е овде со голем интерес и ентузијазам да се запознае со проблемите со кои се соочува Северна Македонија, Францускиот предлог и можните решенија кои ќе ја доведат до интеграција во ЕУ.
Членовите на Комисијата упатија благодарност што Шпанија остана принципиелен поддржувач на европската перспектива на нашата држава и на политиката на
проширување на Унијата, воедно беа едногласни дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за пристапниот процес.

