Македонија
Со нова систематизација Синдикатот на „Македонска пошта“ сам ќе ги укине вработените што не доаѓаат на работа оти Владата и Управниот одбор молчат
Синдикатот на „Македонска пошта“, во соработка со вработените и со ангажирање експерти, ќе подготви нова систематизација, која ќе ја достави до новата влада за да се примени веднаш по изборите. На нивните повици за заедничко решавање на лошата состојба во друштвото не се одѕвале ниту Управниот одбор ниту Владата како основач на друштвото, иако „Македонска пошта“ е во финансиска криза и во прашање се доведени 2.000 вработени, како и егзистенцијата на нивните семејства. Претседателот на Синдикатот, Боро Велигденов, вели дека со новата систематизација нема да има вработени што не доаѓаат на работа ниту, пак, вработени што доаѓаат, но не си го знаат работното место.
„Нам ни е битно да не се продолжи со оваа лоша кадровска политика, со таа партизација што со години и години се провлекува и ја доведе ‘Македонска пошта’ до работ на опстојување. Клучен проблем е токму таа систематизација. Како што е постојната систематизација веруваме дека во работењето нема во ниту една институција, само во ‘Македонска пошта’. Имаме 15 подружници, 15 директори, седум членови на Управен одбор шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а се помалку работници во технолошкиот процес. Нашата цел е да изготвиме нова систематизација која е согласно потребите на друштвото и на пазарот. Да ставиме акцент на технолошкиот процес, на обработка на пратките и сите тие аномалии и проблеми во работењето со таа систематизација ќе се надминат и ќе се позиционираме на пазарот. Ќе ја вратиме ‘Македонска пошта’ на граѓаните, со редовна и навремена достава на пратки. Да нема повеќе работници што не доаѓаат на работа, има работници што доаѓаат, а не знаат кои им се работните места. Затоа е таа нова систематизација, да ја подигнеме продуктивноста во работењето, а со самото тоа ќе ги зголемиме приходите и ќе можеме самостојно да функционираме како друштво“, рече претседателот на Синдикатот, Велигденов.
Вчера вработените зеле плата, но стравуваат за следните исплати оти друштвото е во голема финансиска криза. По протестот минатиот месец, другиот синдикат во „Македонска пошта“ се повлекол од барањата, па сега Синдикатот предводен од Велигденов ги преставува барањата на сите вработени. Синдикатот веднаш ќе формира работни групи и ќе ангажира експерти кои ќе ја подготват новата ситематизација, а во меѓувреме подготвуваат и нови протести.
„Во наредниот период заедно со сите вработени, најавуваме и нови активности за организација на протест како и отпочнување постапка за штрајк. Во моментот се прават анкети, се информираат вработените за поголемо учество во понатамошните активности. Во насока на заштита на работничките права ќе ги преземеме сите мерки како што се протестите. Бидејќи сега се избори, моментно имаме консултација со членството и дополнително ќе одлучиме во кој период и како ќе настапиме“, рече Велигденов.
Барањата на Синдикатот и на вработените се итни реформи со нова систематизација, а по изборите, и потпишување нов колективен договор по неколкуте протести што ги организираа изминатиов период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.

