Македонија
Со оддавање почит кон Глигоров и Трајковски почна одбележувањето на 30-годишнината од независноста
Со положување венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски и со оддавање почит за нивниот значаен придонес во воспоставувањето на самостојната државност на нашата земја, денеска започнаа програмските содржини со кои граѓаните на Република Северна Македонија ја празнуваат и одбележуваат 30-годишнината од независноста.
Во алејата на великаните на гробиштата во Бутел, пред гробните места на претседателите Глигоров и Трајковски венци со свежо цвеќе положија претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски.
Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија на церемонијата на положување цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски ја предводеше премиерот Зоран Заев придружуван од првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот во Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерката за образование и наука Мила Царовска.
Покрај членовите на делегациите на државниот врв, свежо цвеќе положија и оддадоа почит и делегација на Армијата на Република Северна Македонија, на Сојузот на борците, на повеќе државни и општествени институции, на дипломатскиот кор, на верските заедници, на граѓанските организации, на политичките партии, на ЗЕЛС и на Градот Скопје, како и бројни други делегации.
„Централната свечена програма за одбележување 30 години независност на Република Северна Македонија, како високо-церемонијална државна манифестација ќе започне денеска во 17:00 часот пред Собранието на Република Северна Македонија и со своите содржини ќе биде посветена на историскиот референдум на 8 септември 1991 година, кога граѓанките и граѓаните на Република Македонија го потврдија илинденскиот и асномскиот континуитет и масовно го дадоа својот глас за независност на нашата држава како суверен меѓународен субјект и за меѓународно признавање како рамноправна членка на заедницата на народите“, соопштија од Владата.
Настанот, потенцираат од таму, ја отсликува денешна Северна Македонија која стана дом еднаков за сите граѓани, општество за сите граѓаните кои заеднички ги остварија нашите стратешки интереси што ја определуваат иднината на нашата земја.
По повод трите децении независност, претседателот Стево Пендаровски денеска со орден „8 Септември“ ќе ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

