Македонија
Со приказната за авионот Мицко ја расплака пола Македонија, велат од СДСМ
Многу тажната приказна на премиерот Мицкоски ја доведе до солзи половина Македонија. Авион морало да се купи за да служи во хуманитарни цели. Очигледно за него лично патувањето на море со авион е „хумано“, велат од СДСМ по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски.
„Бидејќи морето има лековити дејства, сигурно со нов авион и нови часовници од 60 илјади евра ќе му бидат потребни. Често народот вели дека и парите може да бидат лековити. Хумано не е исто што и хуманитарно. Би било хумано да се зголемат платите на работниците на 600 евра. Затоа што луѓето едвај врзвуваат крај со крај, не можат да ги платат сметките и да обезбедат храната за своите семејства.
А ако се плаши да лета со владиниот авион, како што вели, постојат и комерцијални летови. Е сега не мора со бизнис класа како што е навикнат и со карти од 4.000 евра, може да патува и со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Тука „бизнис“ главно прави тендер-коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Сега кога Мицкоски призна дека го водел семејството на море на трошок на граѓаните, нека каже, додаваат од опозициската партија, и кај кого беше на Јадранско море, за на граѓаните да им биде сè јасно.
„Овие жалопојки на Мицкоски тешко се слушаат. Морало кај Орбан, читај Груевски, морало кај сестринската партија по copy-paste инструкции за кампања.
Дури толку ги применува инструкциите што почна да вметнува латински изрази како Вучиќ во своите изјави. Човек не знае дали го слуша Вучиќ или Мицкоски.
Шкодата не му одговара, да, знаеме – подобар е мерцедес. Сигурни сме дека Груевски може и модел да му каже кој е најдобар.
Срцепарателните приказни го понесоа дотаму што кажа дека ако загине, СДСМ ќе биде виновен.
Почнува да звучи како неговата сестринска партија со која негуваат односи – таму секоја недела најавуваат дека нешто ќе му се случи на Вучиќ.
Вистинска филмска сцена, солзите се тука. Само нема одговор за 5-те тони дрога преку граница и зошто не се укине луксузот на власта па работниците да добијат плати какви што заслужуваат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

