Македонија
Со фалсификати две лица пререгистрирале ловечко друштво, па издавале дозволи за лов без печат и потпис

Полицијата поднесе кривична пријава против И. А. (52) од струшкото село Лабуништа и против А. Џ. (35) од селото Подгорци поради фалсификување исправа и измама.
Од МВР велат дека во текот на 2024 година, со намера да пререгистрираат и присвојат ловечко друштво од Вевчани, пријавените почнале да собираат потписи и изготвиле лажни изјави од лица од околните села, набавиле фалсификувана исправа и печат на непостојно здружение и фалсификувале потписи на негови членови.
Истите документи, како што информираа од полицијата, без да бидат заведени на нотар, ги приложиле во Централниот регистар во Тетово, каде што без да се изврши преглед на доставената документација и спротивно на законот било издадено решение за промена на статутот по што го пререгистрирале ловечкото друштво.
Потоа пријавените почнале да управуваат и да издаваат дозволи за лов, без печат и потпис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ССНМ: За целосно стабилизирање на медиумскиот сектор потребен е нов закон

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги поздравува измените на Законот за медиуми со коишто практично беа прифатени сугестиите на локалните и специјализираните онлајн медиуми, но повторно истакнува дека за целосно стабилизирање на медиумскиот сектор потребен е нов закон целосно усогласен со Европскиот акт за слобода на медиумите.
Од ССНМ појаснуваат дека со овие измени онлајн изданијата беа изедначени во правата и обврските со останатите медиуми, а новинарите и медиумските работници го изборија својот статус на рамноправни со колегите од другите медиуми, статус кој претходно беше мета на арбитрарни толкувања и создаваше проблеми.
„Уште со најавата на измените на Законот за медиуми минатата година ССНМ постојано укажуваше дека се потребни допрецизирања и пред сè, земање предвид на условите во кои работат локалните, но и специјализираните и непрофитните медиуми. Затоа ССНМ поднесе предлози до ЕНЕР (Единствен национален електронски регистар), а потоа низ повеќе средби со Министерството за дигитална трансформација, две панел дискусии и постојани консултации со најголем дел од медиумите кои не беа вклучени во процесот на донесување на Предлог измените на Законот за медиуми придонесе за корекции на измените, што и се случи преку амандмани во Собранието. Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници ги сублимира и ги пренесе ставовите на важниот дел од медиумската сцена, како што се локалните и специјализираните онлајн медиуми до сите релевантни институции (Влада на РСМ, Собрание, Министерство за дигитална трансформација, АМВУ)“, велат од ССНМ.
ССНМ останува на ставот дека овој потфат може само да се гледа како на дел од процесот што треба да заврши со донесување на комплетно нов Закон за медиуми, и тоа низ целосна и сеопфатна јавна дебата во кој ќе бидат имплементирани сите елементи на Европскиот акт за слобода на медиумите (ЕМФА).
Особено важни аспекти кои треба да се опфатат со новиот закон, според ССНМ, се механизмите за заштита на работничките и професионалните права на новинарите и медиумските работници, значајно за објективно и професионално известување од јавен интерес, усогласување на дефинициите за медиум според ЕМФА, сајбер безбедноста на новинарите и друго.
Македонија
Мицкоски објави нови информации за имотот на Левицата: Во т.н. подрум регистриран е локал

На седницата на Собранието посветена на пратенички прашања, премиерот на Владата, Христијан Мицкоски одговараше на прашање посветено на имотот на политичката партија Левица.
„Јас би сакал на денешната седница да одиме чекор понатаму да ја информираме јавноста за т.н. подрум, кој не ќе да е само подрум, туку има и приземје“, рече премиерот надополнувајќи ја информацијата за имотот на партијата Левица која ја обзнани на претходната седница за пратенички прашања.
Тој на говорницата покажа и фотографии од објектот и посочи дека во истиот тој локал е регистрирано и друштво за угостителство и услуги.
„На ова место, кое не ќе да е подрум, над земја три-четири метри е регистриран локал, односно друштво за угостителство и услуги „Павилјон 36“ ДООЕЛ Скопје. Регистриран е на истата адреса каде што се наоѓа подрумот или сутеренот. Дури и си направиле профили по социјалните медиуми, прилично слични на профилот на една политичка партија. Кога малку ќе истражите и ќе ја извадите тековната состојба, покрај тоа што уплатиле 5000 евра во кеш за регистрирање на ова друштво за угостителство и услуги, се јавува како сопственик лицето Зоран Ивановски. Тој се јавува како управител, како менаџер и ја регистрирал оваа фирма, која се занимава со дејност ресторани, но и дејности на интернетски портали. Тоа е подружницата од ова друштво“, истакна премиерот.
Мицкоски дополни дека лицето Зоран Ивановски е дел од претседателството од Левица и е дел од управниот одбор на „Скопски водовод“, а на интернет има и негови фотографии со претседателот на политичката партија Левица.
„Еве како се трошат парите на членовите на политичката партија Левица. Но тоа не е сѐ. Ако ги слушате последните искази од случајот поврзан со Палевски и сведочењата таму, ќе слушнете дека тие се среќавале во штабот на партијата Десна, кој што бил во објектот Опера Хаус, а објектот Опера Хаус е токму овој објект“, рече премиерот Мицкоски и продолжи: „за другите детали нема да зборувам. Се надевам ќе има и други пратенички прашања и се надевам ќе ме почестат со нивното присуство. Јас сум подготвен на македонската јавност и на поддржувачите на Левица да им разоткријам дека не е баш така како што некој сака да ги прикаже работите“.
Премиерот Мицкоски од говорницата истакна дека овие работи ги кажува и да ги разоткрие неколкумина скапо платени таканаречени левичари кои со дејствувањето нанесуваат трајна штета на ткивото на македонскиот идентитет.
„Од сега па натаму, сум подготвен да разговараме и за тоа, да видиме кој, што, како и каде, и за мене. Па ќе се вратиме малце и на патните трошоци, ама ќе се вратиме и на патните трошоци од партијата кои што ги земале и кога ги земале и колку земале и кои земале“, заклучи премиерот Мицкоски.
Македонија
(Видео) Костадиновска-Стојчевска до Љутков: Зошто навреме не ги пресметавте платите за вработените?

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за култура Зоран Љутков, кое се однесуваше на неисплатените плати, непочитувањето на колективниот договор за исплата на платите на културните работници .
„МКажавте дека сте биле член на СКРМ во време на потпишувањето на колективниот договор, и јас очекувам – бидејќи вие секогаш сакате правда и исправување на криминал – дека, ако нешто било незаконско во тој колективен договор, требало да реагирате и да укажете, како што денес тврдите. Сакам да знам дали и зошто сега го напаѓате колективниот договор. Дали планирате да го промените членот 65 од истиот колективен договор?“, праша Костадиновска-Стојчевска.
Во завршната одредба на овој колективен договор, додаде таа, стои дека тој останува во важност до моментот на потпишување на нов колективен договор.
„Значи, тој е важечки според сите одредби. И вие знаете дека секогаш со мартовската плата во културата се прави усогласување со минималната плата, откако таа започна да расте. И токму моето прашање до вас: зошто не ги направивте новите решенија на време? Зошто урнек-решенијата се испратени на 10 април до установите, знаејќи дека имате безмалку околу 100 културни установи – 49 под Министерство за култура и 49 под локална самоуправа?И зошто дури на 10 април се добиени тие урнек-решенија и не се потпишани од тој што ги изработува? Дали не бевте во државата? Дали во Министерството за култура ова е времето кога се користат ланските одмори, па сега немате таму помош? Или имавте некоја друга намера?“, праша таа.