Македонија
Платформата во Матка се украсува со цвеќе и покрај најавите за уривање
Додека институциите најавуваат уривање на платформата на Матка, во првиот залив по браната се украсува со цвеќе и зеленило во саксии.
Двајца работници попладнево со количка истоварија десетина саксии со цвеќе и борчиња. Ги распоредуваа на штотуку лакираната платформа.
„Нека ја уриваат, ние да украсиме“, рекоа работниците што екипата на „Макфакс“ ги затекна кај платформата. Велат дека не знаат кој ќе биде газда и дали навистина ќе се урне.
Во врска со оваа спорна градба директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Локаман Љимани, го послуша министерот за транспорт, Горан Сугарески, и се обврза да направи контрола на работата на градежната инспекција на Општина Сарај, која со години не ги урива дивите платформи.
Од Инспекторатот велат дека ја следат состојбата со платформите и најавуваат дека ќе постапат во согласност со Законот за градењето, кој предвидува уривање на објектите изградени без одобрение.
Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, пак, не одговара на прашањата дали изготвиле решенија за уривање на дивоградбите на Матка, зoшто ги толерираат со години и каков е неговиот став по најавата за одземање на ингеренциите од областа на урбанизмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

