Македонија
Спасен повреден чешки планинар на Шар Планина
Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово информира дека денеска во 16.42 часот на Единствениот повикувачки број 112 на ЦУК била добиена пријава од чешки планинар – скијач дека негов колега исто така чешки планинар е повреден додека планинареле и скијале на Попова Шапка и дека им е потребна помош.
„По примањето на информацијата дека треба да се извлекува и спасува повредениот на крајот од денот, пред да настапи ноќта, кога студот и видливоста се засилуваат и заради мракот и заради магла на одредени места, веднаш раководителот на РЦУК Тетово стапил во контакт со Националниот „Парк Шар Планина“ од каде што известиле дека тие стапиле во контакт со Горската спасителна служба на Попова Шапка, од каде потврдиле дека ги добиле координатите за локацијата на повредениот планинар. Потоа итно се упатиле со специјализирано возило за движење по длабок снег – „ратрак“, за да го извлечат повредениот планинар од местото на несреќата и да го превезат до центарот „Попова Шапка“. Кон тоа место на преземање на повредениот, паралелно со нивната спасителна акција за извлекување од повисоките снежни делови на Шара, од Итната медицинска помош од Тетово испратиле амбулантно возило за со него да биде пренесен повредениот до Клиничката болница во Тетово. Од ЦУК, преку Секторот за операции и координација, покрај ЈП „Национален парк Шар Планина“ и Итната медицинска помош, за настанот биле известени и „Елем Турс“ – државната компанија што стопанисува со Попова Шапка, Полициска станица (ПС) Попова Шапка, а и Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) Тетово“, истакнуваат од ЦУК.
Од ПС Попова Шапка, на почетокот на ноќта, во ЦУК била добиена повратна информација дека повредениот бил безбедно извлечен од планинскиот снежен повисок дел на Шара и на првата можна точка за преземање на асфалтен пат бил префрлен во возилото на Итната медицинска помош со што почнал транспортот, со медицински надѕор и нега според потребите, до клиничката болница во Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата

