Македонија
Спасовски во Женева се сретна со високиот комесар за бегалци на ОН, Филипо Гранди
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за време на 73. редовна сесија на Извршниот комитет на Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации во Женева, кадешто ја предводи делегацијата од МВР, се сретна со високиот комесар за бегалци Филипо Гранди. На средбата беше даден детален осврт на реализираното во изминатиов период, имајќи го предвид партнерството со УНХЦР во обврските кои произлегуваат од Акцискиот план за миграциска политика на земјава, следење и усогласување со законодавството на ЕУ во областа на државјанството, подобрување на состојбите во областа на лица без државјанство, создавање услови за олеснет пристап до документи за државјаните кои живеат во странство.
Министерот Спасовски упати благодарност до Високиот комесаријат и до претставничката на УНХЦР во Скопје, Моника Сандри, за континуираната соработка во делот на државјанството, статусот на бегалците, миграцијата, како и поддршката од Канцеларијата на УНХЦР во Скопје, со цел зголемување на капацитетот на Секторот за азил преку обуки и материјално-техничка поддршка.
Во однос на Глобалниот пакт за бегалци, како еден од низата клучните меѓународни инструменти на ОН, чија договорна страна е и нашата земја, Спасовски нагласи дека државата континуирано дава силна поддршка, а во изминатиов период беа исполнети добар дел од заложбите, вклучително и усогласување на националното со европското законодавство, усвојување важни документи од областа на азилот, односно миграциите, директиви на ЕУ, кои се во висок степен вградени во националната позитивна легислатива.
На средбата беа поздравени заложбите на државата за зајакнување на управувањето со системот на азил, имајќи предвид дека во текот на пандемијата Северна Македонија беше меѓу првите што пристапија кон спроведување на интервјуа со баратели на право на азил преку онлајн платформа, со цел зачувување на нивното здравје, а за цело времетраење на вонредната состојба беше обезбеден непречен пристап до постапката за признавање на право на азил, за сите лица кои имаа потреба од меѓународна заштита.
За време на разговорите беа отворени и темите за тековната ситуација со мигрантите, предизвиците поттикнати од конфликтите кои резултираат со раселувања од огромни, па во врска со новите геополитички случувања, министерот Спасовски информираше државата, иако не е на главната евакуациска рута, ја изрази својата хуманост преку прифаќање на украинските бегалци и нивните семејства кои побараа засолниште во Северна Македонија, па од почетокот на кризата до денес се издадени 358 дозволи за привремен престој поради хуманитарни причини, додека досега нема лица украински државјани кои побарале азил на територија на РСМ.
Високиот комесар Филипо Гранди изрази задоволство за можноста да се реализира оваа заедничка средба и истакна дека од страна на УНХЦР се препознаени заложбите и резултатите што Република Северна Македонија ги постигнува во заштитата на правата на бегалците упатувајќи посебна благодарност до министерот Спасовски за прифаќање на украинските бегалци и нивните семејства кои побараа засолниште во Северна Македонија.
Гранди упати благодарност и за успешната финализација на твининг проектот „Усогласување на националните системи за гранично управување со барањата на ЕУ и Шенген“ во чии рамки е изготвена Националната стратегија за интегрирано гранично управување на Република Северна Македонија, согласно Европскиот концепт за Интегрирано гранично управување, со што е нотиран значителен исчекор кон зголемено управување со границите и управување со нерегуларната миграција, како заеднички интерес и на Северна Македонија и на Европската Унија, и се разбира на УНХЦР.
Двете страни особено позитивно ја оценија досегашната соработка на УНХЦР и Северна Македонија, па во таа насока се разговараше и за тековните програми на Канцеларијата на УНХЦР во земјата и во светот, а министерот Спасовски упати покана до Високиот комесар Гранди, во име на досегашното партнерство и плодната соработка во навремениот одговор на ситуацијата со бегалците, да биде гостин на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, што од страна на Високиот комесар Гранди со задоволство беше прифатена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

