Македонија
Спасовски во Липково: Социјална помош за плус 34.000 домаќинства, детски додаток за 65.000 деца
Носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, на средбите со жители од Матејче, Ваксинце, Опае и во Липковско ја потенцираше силната посветеност на рамномерниот регионален развој и на развојот како на градските така и руралните средини и на грижата за сите граѓани.
„Социјалната помош ја зголемивме за 300 проценти и продолжуваме, ќе има повисока социјална помош за 34.000 домаќинства. Над 33.000 деца во училишна возраст примаат детски додаток и продолжуваме со детски додаток за 65.000 деца. Најавуваме изградба на 777 социјални станови низ целата држава. Ние се грижиме за потребите на луѓето, додека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се грижат за потребите на Никола Груевски, ги поделија луѓето и владееја со страв, режим и крадење“, рече Спасовски.
Тој посочи дека во овој регион, за патна инфраструктура централната власт има вложено 6 милиони и 100 илјади евра за патот Опае – Балаковце – Станчиќ – граница со Косово и за рехабилитација на регионалниот пат Матејче Липково.
„За 12 проекти за рамномерен регионален развој одделени се 101 милион 908 илјади 294 денари за: изградба на фекална канализација село Отља, општина Липково, за фекална канализација с.Ваксинце, фекална канализација село Матејче, за подобрување на условите за рурален развој, развој на туризмот и мобилноста во Североисточниот Плански Регион, за заштита на животната средина, нешто за што ДУИ имаше можност 11 години, но не го направија. Се грижиме за сите, тоа граѓаните го препознаваат, ја имаме поддршката од сите и затоа заедно продолжуваме по правиот пат. Заокружете 3 на 15 јули за да продожи грижата за сите“, повика Спасовски во Липково.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓаните може да го видат работењето на Уставниот суд одблизу секој прв четврток во месецот
Уставниот суд на Македонија, по повод 62-годишнината од првата седница одржана на 15 февруари 1964 година, ги повикува граѓаните на редовни средби со претседателот Дарко Костадиновски, кои ќе се одржуваат секој прв четврток во месецот.
Прес-службата на Уставниот денеска соопшти дека целта на средбите е да се приближи работењето на овој суд до граѓаните, да се подигне свеста за уставно загарантираните права и да се објасни начинот на правилно поднесување на поднесоци.
Посочуваат дека средбите претставуваат можност граѓаните одблизу да се запознаат со надлежностите, постапките и значењето на одлуките на Уставниот суд во заштита на правата и слободите.
За учество, заинтересираните можат да се пријават на електронската адреса [email protected], а за дополнителни прашања на располагање е и телефонскиот број +389 2 322 3626, се наведува во соопштението.
Македонија
Измени на Законот за електронски комуникации за укинување на трошоците за роаминг
Со измени на Законот за електронски комуникации, што се поставени за расправа на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) државава ги пренесува во домашното законодавство потребните европски регулативи со што ќе може да се приклучи кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија. Со тоа ќе им се овозможи на граѓаните и бизнисите да користат мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни роаминг трошоци, како да се дома.
За законските измени чиј носител е Министерството за дигитална трансформација, на ЕНЕР може да се достават коментари уште четири дена.
Со законот треба да се воспостават јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите со што, стои во нацрт врзијата, ќе се овозможи зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации. Целта е да се овозможи укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски минатиот месец во телевизико интервју рече дека мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски до февруари и оти останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ.
Покрај пренесувањето на четири регулативи во Законот за електронски комуникации преку измената што е во нацрт верзија до јули годинава треба да се донесат и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.
Државава е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан (ЗБ) од 1 јуни 2021 година. Граѓаните имаат можност да користат мобилни комуникациски услуги во земјите од ЗБ под исти услови како и во домашните мрежи, без дополнителни трошоци за роаминг. И покрај овој напредок на регионално ниво, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно регулиран согласно европските стандарди.
Европската комисија на Лидерскиот самит со земјите од Западен Балкан за Планот за раст одржан на 30 јуни и 1 јули 2025 година формално извести дека ќе започне постапка за изнаоѓање правно решение со кое ќе се овозможи земјите од регионот да пристапат кон инцијативата за „Роаминг како дома“.
Во август 2025 година Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Иницијативата на Европската комисија за укинување на роаминг трошоците со земјите од Европската Унија, како дел од Планот за раст на Европската Унија за земјите од Западен Балкан, со Акциски план за усогласување со европското законодавство за роаминг и прилози. Согласно акцискиот план се задолжи Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Агенцијата за електронските комуникации да го спроведе Акцискиот план во кој е утврдено дека најдоцна до 22 декември 2025 година да се изработи и до Владата да се достави детална анализа на правната празнина (GAP analysis) меѓу националното законодавство и релевантните регулативи на Европската Унија, и најдоцна до април 2026 година да изработи законски/подзаконски акти врз основа на деталната анализа.
Македонија
Поради врнежи од снег воведена забрана за камиони и автобуси на патот Тетово-Попова Шапка
Поради врнежи од снег од 07:45 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси, соопшти Автомотосојузот на Македонија.
Претходно АМСМ информираше дека во 5.45 часот изутрина воведена е забрана за камиони и автобуси на патот село Лисец-Попова Шапка.
По целосниот прекин на патот Кичево – Гостивар предизвикан од одрон во 5.40 часот изутрината, екипа од Македонија пат ја исчисти едната сообраќајна лента и сообраќајот од 06.50 часот се одвива наизменично.

