Македонија
Спасовски во посета на Амбасадата во Берн: Издадени вкупно 17.650 патни исправи на наши граѓани во странство, а 2.445 патни исправи само во Берн
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес за време на работниот престој во Берн, Швајцарска Конфедерација, ја посети и Амбасадата на Република Северна Македонија во Берн, при што оствари работна средба со амбасадорот Кенан Рамадани и министерот советник во амбасадата Мелехат Муфтаровска.
Од страна на амбасадорот Рамадани, министерот Спасовски беше информиран дека во изминатиот период само во Берн се издадени вкупно 2.445 патни исправи преку заедничкиот проект на Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи, отпочнат на 01.10.2021 година, а во врска со поднесување барања за издавање патни исправи преку базните станици во дипломатско-конзуларните претставништва.
Министерот Спасовски истакна дека од самиот почеток на проектот заклучно до денес преку дипломатско-конзуларните претставништва вкупно се издадени 17.650 патни исправи на наши граѓани во странство, што претставува сериозно кратење на времетраењето на процедурите, намалување на метежот по управните служби, но и трошоците за граѓаните, односно сега процедурата трае од 15 до 30 дена, споредбено со неколкумесечното чекање што беше пракса во минатото, пред отпочнување на проектот.
Амбасадорот Рамадани упати благодарност поради слухот што оваа Влада и министерот Спасовски го имаат за потребите на Македонците во дијаспората и му презентираше дел од предлозите и предизвиците со кои се соочуваат нашите иселеници. Од страна на министерот Спасовски, амбасадорот Рамадани доби уверување дека целта на ваквите средби со наши иселеници, како што беше и вчерашната во Тринген, е да се иницираат и забрзаат веќе отпочнатите активности за подобрување на условите на нашите граѓани во државите во кои живеат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.