Македонија
Спасовски во увид на градинка: „Поддршка за проектите во општините и локалниот развој“
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, денеска оствари работна посета во општина Гази Баба, беше на увид во работите на градинката „Калинка“ во населбата Железара.
Спасовски истакна дека во изминатите три години Владата предводена од СДСМ и коалицијата максимално се посветила на она што било утврдено во програмата: да се овозможи децентрализација на власта и на општините за да се создадат услови за пристоен, достоинствен живот, каков што очекуваат граѓаните.
„Паралелно со овој процес Владата останува на определбата да продолжи целосно и посветено да ги поддржува финансиски капиталните проекти во општините и да го поддржува локалниот развој. Денешната посета на Општина Гази Баба ги потврдува придобивките од овие проекти и поддршката за нивна реализација во повеќе области. Долга е листата на проекти што се реализирани или се во тек, како и оние проекти за кои се изготвува документацијата и кои ќе почнат да се реализираат набргу“, истакна премиерот Спасовски.
Тој акцентира дека и во идната влада ќе продолжат да градат инфраструктура за сите и во вонредни околности и тоа со забрзана динамика и со почитување на мерките за заштита.
„Денеска, меѓу другото, направивме увид во реконструкцијата и проширувањето на капацитетите на градинката ‘Калинка’ во оваа општина. Капиталните инвестиции во раниот детски развој и детската заштита се еден од врвните приоритети на Владата на Република Северна Македонија. Општината и Министерството за труд и социјална политика работеа на проект за проширување на капацитетот на оваа детска градинка со нови три занимални, со што се отворија нови 70 места во оваа градинка. Три милиони денари за оваа инвестиција се издвоени од Владата и Општината, а со дополнителни 1,4 милион денари од Министерството за труд и социјална политика се обезбеди опремување на новите занимални. Со ова проширување градинката има можност за работа и во втора смена, а покрај оваа градинка, со нови три занимални проширена е и градинката во Јурумлери, каде што исто така се отворија нови 70 места. Со дополнителни 6 милиони денари од својот буџет Општината ги финансира изградбата на нова централна кујна и централната перална во градинката ‘Темјанушка’. Заедно со новата градинка во Стајковци за само две години се отворија и 220 места за децата во градинките во оваа општина“, објасни премиерот Спасовски.
Премиерот потенцира дека преку проектот на Министерството за животна средина од програмата за намалување на аерозагадувањето Општината аплицира и ги замени прозорците во градинките „Калинка“ и „Темјанушка“.

„Оваа Влада првпат преку планот за чист воздух ја утврди борбата за намалување на аерозагадувањето како стратешка определба и првпат беа обезбедени наменски буџетски средства. Планот за чист воздух опфати и неколку објекти и во општина Гази Баба. Покрај градинката ‘Калинка’ во населбата Железара, го заменивме загадувачкиот систем за греење во основното училиште ‘Његош’. Покрај тоа, во делот на стимулирање на приклучувањето на повеќе објекти на топловодна мрежа, Владата ја реализира и мерката за намалување на цената на топлинската енергија преку намалување на ДДВ од 18 на 5 %, како и мерката за враќање на исклучените граѓани од топловодната мрежа без финансиски надомест.
Со преземањето на топловодниот систем од страна на Град Скопје се создадоа услови да се прошири снабдувањето со топлинска енергија и во населбите Чаир, Бутел, Скопје Север и Маџари 2“, акцентира премиерот Спасовски.
Премиерот презентира дека по имплементацијата на планот за чист воздух, кој опфати 12 градинки, 29 основни училишта и 4 административни објекти, имаме 735 килограми помалку ПМ 10-честички, 594 килограми помалку ПМ 2,5-честички, остварено е вкупна заштеда од 395.000 евра.
„Вложувањето во најмладите и младите е вложување во подобро утре. Градинките се местото каде што почнува институционалното воспитување, што е од голема важност во создавањето оформени личности, кои подоцна учествуваат во развојот на нашата држава. Изминатиов период Владата инвестира во 44 градинки и објекти за ран детски развој и создаде услови за квалитетно сместување на 3.000 деца од предучилишна возраст. Ниту едно населено место во општина Гази Баба нема да биде запоставено кога зборуваме и за еднаков и рамномерен економски развој на сите локални заедници. Во општината со поддршка на Владата реализирани се три патни правци во вкупна должина од 13,5 км и со вредност од 1,9 милион евра, ја завршивме рехабилитацијата на делот од обиколницата на Скопје од Смилковци до клучката. Ја изградивме фекалната канализација со пречистителна станица во село Трубарево во должина од три километри, во кои се вложени 20 милиони денари“, наброи премиерот Спасовски.
Тој на крајот на своето излагање сумира дека е направено многу преку заедничката соработка меѓу централната и локалната власт, преку сериозното фокусирање на сите прашања што ги засегаат граѓаните, кои добија резултати и реализирани проекти.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, потенцира дека, без разлика што површината на градинката е зголемена со 300 квадратни метри, сметките се намалени 20 проценти, што значи дека енергетската ефикасност има свое силно влијание.
„Со имплементацијата на планот за чист воздух на разни објекти доаѓа до намалување на сметките од 30 до 50 % доколку станува збор за иста квадратура. Од друга страна, намалувањето на ДДВ на 5 % и намалувањето на сметките за топлинска енергија, сите граѓани на Железара се свесни дека оваа зима плаќаа 13 % пониски сметки за парно. Затоа, поврзувањето на трите топловодни мрежи во градот Скопје е еден од приоритетите и на Градот, и на локалната самоуправа и на Владата“, истакна заменик-министерот Макрадули.
На крајот од својата изјава тој се осврна дека во рамките на активностите на Министерството учествувале во изработката на техничката документација на проектот за оборниот канал на водите од Скопска Црна Гора за да не се случи она што се случи пред неколку години со поплавите.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски, истакна дека градинката „Калинка“ во Железара е успешен пример за заедничката соработка на Владата и Општина Гази Баба.
„Со финансиска поддршка на Владата оваа градинка ја проширивме за нови три занимални, со што отворивме нови 70 места, а создадовме и можност овој објект да работи и во втора смена. Дополнително, преку програмата на Владата за намалување на аерозагадувањето во делот за енергетска ефикасност ги заменивме прозорците на оваа детска градинка, со што за една година успеавме да заштедиме 20 % во сметките за загревање на објектот. Како одговорна општина, годишно во буџетот обезбедуваме 10 милиони денари, наменети за капитални инвестиции во објектите на детските градинки, со цел подобрување на условите во градинките. Извршивме замена на азбесната покривна површина од градинката ‘Калинка’. Обезбедивме 6 милиони денари за изградба на нова централна кујна за градинката ‘Детска радост’, која ќе биде сместена во објектот ‘Калинка’. Новата кујна е со капацитет за подготовка на 1.000 оброци и ги запазува сите ХАСАП-стандарди“, објасни градоначалникот Георгиевски.
Георгиевски објасни дека дополнително за 2020 година во буџетот се обезбедени средства за замена на подот во објектите „Темјанушка“ и „Синоличка“, реконструкција на тоалетите во објектите „Мимоза“, „Сончоглед“, „Темјанушка“ и „Детелинка“, замена на прозорци и врати во објектот „Пони“ и реконструкција на фасадата и покривот на објектот „Мимоза“.
„Грижата за најмалите тука не застанува. Заедно со Владата продолжуваме да работиме на нови проекти, а тоа се изградба на нова детска градинка во Ќерамидница, Сингелиќ, Инџиково и Трубарево“, финално поентира градоначалникот Георгиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

