Македонија
Спасовски на откривање спомен-обележје во чест на осумте загинати припадници на МВР во кумановското Диво Насеље: Хероите живеат вечно
Во рамките на одбележувањето 22 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување, во кругот на СВР Куманово, од страна на министерот Оливер Спасовски, во присуство на семејствата на загинатите припадници од ЕБР и САЕ „Тигар“, беше откриено спомен-обележје во чест и вечен спомен на загинатите припадници на македонската полиција, кои ги положија животите во 2015 година во вооружена престрелка со терористичка групација во кумановското Диво Насеље, а во одбрана на Куманово и татковината.
По откривањето на спомен-обележјето, од страна на министерот Спасовски делегациите и присутните оддадоа почит кон загинатите припадници на македонската полиција и положија свежо цвеќе на споменикот подигнат во нивна чест и сеќавање.
Во своето обраќање пред присутните министерот Спасовски потсети на кумановските настани од 2015 година.
„Никогаш нема да се заборави оној кобен мај 2015 година кога осумтемина припадници на МВР овде, во Куманово, го покажаа врвот на патриотизмот, жртвувајќи ги своите животи во вооружениот терористички напад во Диво Насеље“, рече министерот Спасовски додавајќи дека ништо не е исто п тој ден, за семејствата, за другарите и за колегите од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и од Единицата за брзо распоредување, чии припадници беа.
„Бидејќи болката никој не може да ја залечи, а длабоката почит кон нив останува засекогаш. Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ се нашите херои, кои го дадоа својот живот за нешто поголемо од себе. А нема ништо поблагородно од жртвувањето на животот за својата татковина. И знам дека ова знаме на јарболот, наше, македонско, не се вее од ветерот, туку од последниот здив на секој наш припадник, кој загинал чувајќи го!“, рече министерот Спасовски потенцирајќи дека спомен-обележјето е направено заедно со Македонскиот полициски синдикат.
„Денеска сме тука за да им оддадеме посебна почит и со оваа спомен-плоча, која ја направивме заедно со Македонскиот полициски синдикат како паметник на нивната големина, храброст и жртва, како обележје дека хероите живеат вечно! И тоа токму на Денот на Единицата за брзо распоредување, за некои од нив нивниот втор дом… Ова спомен-обележје нека ја пренесе пораката за длабока почит, љубов кон татковината, мир и соживот за сите идни генерации. Споменот на нашите херои никогаш да не биде избришан од меморијата на времето. Хероите живеат вечно – нека им е вечна слава!“, рече министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наследникот на Ципрас во СИРИЗА: Зошто Мицотакис моли да се почитува преспанскиот, а претходно велеше дека е предавнички
Стефанос Каселакис – претседателот на грчката опозициска партија СИРИЗА, кој дојде на местото на Алексис Ципрас реагираше откако претседателката Гордана Силјановска-Давкова ја нарече земјата Македонија, за време на свечената заклетва.
Каселакис по тој повод повика на почитување на договорот.
„Ние, како партија која скапо го плати својот патриотизам, го повикуваме новото раководство на Северна Македонија да се вразуми и да размисли за своите одговорности кон историјата и иднината на нејзиниот народ“, порача Каселакис, пренесе „Прототема“.
Истовремено тој го искритикува грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, зошто сега вели дека Договорот од Преспа треба да се почитува, а претходно тврдеше дека е предавнички.
„Зошто грчката амбасадорка ја напушти салата на заклетвата на новата претседателка на Северна Македонија, која ја нарече својата земја со уставното име што го имаше пред Договорот од Преспа? Зошто Кирјакос Мицотакис моли за почитување на Договорот од Преспа? На крајот на краиштата, нели беше предавнички? Премиерот вели дека не му се допаднал Договорот, но државата има континуитет и затоа мора да се почитува“ Не, господине Мицотакис. Никогаш не молите ништо што е негативно за вашата земја да се почитува. Или го сметате за корисен договор за Грција и се држите до него, или го сметате за лош договор и одите кај вашите истомисленици и го поништувате“, рече тој.
Како што додаде, историската вистина понекогаш бавно се појавува, но секогаш ги оправдува храбрите и вистински патриоти.
Грчката влада предводена од СИРИЗА заедно со Владата предводена од СДСМ во 2018 година го потпиша Преспанскиот договор. Двете партии во тоа време ги предводеа Алексис Ципрас и Зоран Заев. Потоа СИРИЗА ги загуби изборите во Грција, а по кампањата на Мицотакис дека договорот со новото име е штетен за Грција.
Македонија
Пендаровски и’ посака успех на Силјановска-Давкова
Досегашниот претседател Стево Пендаровски ѝ честита на претседателката Гордана Силјановска Давкова за победата на претседателските избори и ѝ посака успех во извршување на функцијата.
По официјалната церемонија на примопредавање на функцијата Претседател, двајцата остварија тет-а-тет средба.
Пендаровски и Силјановска го поздравија спроведениот изборен процес посочувајќи дека изборите беа израз на волјата на македонската јавност и ја демонстрираа демократската зрелост на нашата држава.
Македонија
Фон дер Лајен: За ЕУ неопходно е почитување на обврзувачките договори, меѓу кои и преспанскиот
Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен преку објава на социјалната мрежа „Икс“ порача дека почитувањето на Договорот од Преспа е обврзувачки за земјата да го продолжи патот кон Европската Унија.
„За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“, напиша Фон Дер Лаејн.
For North Macedonia to continue its successful path on EU accession it is paramount that the country continues on the path of reforms and full respect for its binding agreements, including the Prespa Agreement.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) May 12, 2024
Нејзината објава се случува откако претходно денес, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, положи заклетва во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција.
Неколку часа претходно, Фон дер Лаејн преку „Икс“ упати честитка до Силјановска-Давкова за изборот.
„Честитки до Гордана Силјановска-Давкова која стана првата жена претседател на Северна Македонија. Вашето лидерство доаѓа во клучен момент, додека вашата земја ги унапредува своите реформи и продолжува на својот пат кон ЕУ. Со нетрпение очекувам да работам со вас“, беше наведено во честитката.
Congratulations, Gordana Siljanovska-Davkova, on becoming the first female President of North Macedonia.
Your leadership comes at a crucial time, as your country advances its reforms and continues on its path towards the EU.
I’m looking forward to working with you.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) May 12, 2024