Македонија
Спасовски: Годинава идентификувани осум жртви на трговија со луѓе, од кои седум деца
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, присуствуваше на средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија, на која учествуваше со свое излагање, по што следуваа прашања од страна на амбасадорите упатени до министерот Спасовски, а кои ги опфатија темите – полицијата и безбедноста, миграцијата (трговијата со луѓе) и ФРОНТЕКС.
Своето излагање министерот Спасовски го почна истакнувајќи го заедничкото достигнување – потпишувањето на договорот помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за оперативни активности спроведени од Агенцијата за гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија.
„Со овој договор воспоставивме одржливи, трајни решенија во справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, при што почитувањето на човековите права и демократските принципи се основните принципи на кои се темели меѓусебната соработка. Имплементацијата на овој договор ќе придонесе кон ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата и потенцијални идни закани, а со тоа и кон справувањето со сериозниот криминал со прекугранична димензија. Истовремено, ќе придонесе кон посигурни граници и поголема безбедност на нашите граѓани“, истакна министерот Спасовски, при што потенцира дека досегашната соработка во справувањето со илегалната миграција покажа дека кога се работи заедно, може успешно заеднички да се решат предизвиците.
Во однос на реформите во Министерството за внатрешни работи, министерот Спасовски истакна дека изминатиот период два реформски процеса го одбележаа дејствувањето на МВР.
„Гледано од денешна перспектива, двете најголеми реформи – следењето на комуникациите и реформата на разузнавачките служби – ја постигнаа својата цел. Агенцијата за национална безбедност постои како посебен државен орган, изградена во согласност со стандардите на НАТО, а исто така функционирањето на ОТА го надмина големиот број забелешки и недостатоци што доведоа до масовно кршење на човековите права. Заокружувајќи ги сите параметри на овие реформи, не можам да не го споменам Советот за граѓански надзор за чие функционирање се потребни дополнителни напори. Искрено се надевам дека Собранието ќе ги преземе неопходните активности за обезбедување на неговата функционалност“, рече Спасовски, при што како реформски зафати што придонесоа кон поголема контрола врз работата на полицијата ги истакна воспоставувањето на надворешниот механизам за контрола, кој се состои од две компоненти: посебното одделение во рамките на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и надворешниот механизам за граѓанска контрола при Народниот правобранител.
Во однос на нелегалната миграција, министерот ги издвои миграциските движења на западнобалканската рута, како и влијанието на руската агресија врз Украина, при што информира за аналитичките согледувања на ФРОНТЕКС, кои укажуваат дека миграцискиот притисок во регионот на Западен Балкан во текот на 2022 година е зголемен, особено на северните граници во регионот со Србија и во Австрија.
„Во текот на 2022 година, од страна на земјите по должината на западнобалканската рута пријавени се над 178.000 илегални преминувања од мигранти на и помеѓу граничните премини, што е 75 % повеќе од истиот период во 2021 година“, истакна министерот Спасовски.
Во таа насока министерот Спасовски ги информира амбасадорите дека безбедносната состојба на државните граници во моментот, генерално, е поволна, а како главни предизвици ги издвои илегалното минување, цверцувањето мигранти и секундарните движења на мигрантите, но, како што рече министерот Спасовски, не се регистрирани посериозни загрозувања на јавниот ред и мир и јавното здравје како резултат на мигрантската криза.
„Во првите десет месеци спречени се 22.806 обиди за илегално преминување на границите или речиси пет илјади обиди повеќе во споредба со истиот период лани. Повеќето од обидите за илегални преминувања, впрочем како и во претходните години, се спречени на јужната граница со Република Грција – 20.858. На оваа граница забележан е пораст речиси 30 % во однос на истиот период минатата година. Во однос на земјата на потекло на мигрантите при спречените обиди, доминираат мигрантите од Сирија – 9.290, кои во однос на минатата година се значително зголемени, а во првите топ-пет земји се вбројуваат и мигранти од Пакистан – 5.324, Авганистан – 1.737, но и од Индија, Мароко и Куба“, рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски информира дека активностите што се преземаа за спречување на криминалните активности поврзани со шверцувањето мигранти резултираа со откриени 89 случаи на шверцување 1.328 мигранти.
„Ваквиот резултат бележи значителен пораст во однос на периодот од јули до октомври 2022 година, што укажува дека криминалните групи ги интензивираат своите активности со цел да пренесат илегално што поголем број мигранти на другата страна на границата. Карактеристично за овој период е што во три од случаите, возачите, по забележување на полициските патроли, со возилата во кои ги превезувале мигрантите предизвикале сообраќајни незгоди, при што телесни повреди добиле 41 мигрант од Сирија, двајца полициски службеници и еден припадник на Армијата на Северна Македонија“, рече министерот Спасовски.
Во однос на одржување стабилна безбедносна состојба на границите со соседните земји, но и за соодветно справување со евентуален иден масовен прилив, министерот Спасовски потенцира дека е продолжено времетраењето на одлуката за прогласување кризна состојба на подрачјето на јужната и северната државна граница, што овозможува непречено користење на потребните национални ресурси и капацитети за справување со предизвикот.
„Исто така, од декември 2015 година па наваму на јужната граница континуирано се имплементира заедничката меѓународна операција, која од март 2016 година па наваму е поддржана од Европската комисија преку имплементација на ИОМ-проектот „Специјална мерка за поддршка на Република Северна Македонија во управувањето со границите и миграциите“, рече министерот Спасовски за акцијата во која учествуваат странски полициски службеници од Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Словенија, Хрватска и – Србија).
Како еден од главните предуслови за ефикасно управување со границите и со миграциите, министерот Спасовски ја истакна ефикасната меѓународна соработка, а како главни приоритети ги издвои одржувањето и продлабочувањето и меѓународната соработка – со земјите од регионот, со земјите на транзит, потекло, со агенциите на ЕУ (во прв ред Frontex – EBCGA, Europol, EASO) и на УН (IOM, UNHCR), како и релевантни меѓународни организации (OSCE, ICMPD, DCAF, итн.).
„За таа цел се учествува во многубројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси (Салцбуршки форум, Будимпештански процес, Прашки процес, Заедничка координативна платформа, DCAF-програма за гранична безбедност, КПС ЈИЕ, итн.). Со оглед на случувањата на т.н. западнобалканска рута во последните години, најинтензивна е соработката со земјите што се дел или во нејзина непосредна близина. Соработката е на многу високо ниво, а особено треба да се истакнат заедничките и координирани операции, кои со поддршка на DCAF се реализираат во земјите од регионот и во кои учествуваат земјите потписнички на КПС ЈИЕ“, истакна министерот Спасовски.
Во однос на ефикасните политики за реадмисија и механизмите за враќање, министерот Спасовски истакна дека тоа се области каде што се соочуваме со сериозни предизвици, а главната причина е недостигот на договори за реадмисија потпишани со релевантните земји на потекло, но и неможност да се утврди нивниот идентитет и по официјален пат да се извршат соодветни проверки со надлежните служби во нивните матични земји.
„Досега Република Северна Македонија има потпишано 24 договори со земјите од Западен Балкан и ЕУ, како и договор со европската заедница. Со соседните земји Северна Македонија има добро воспоставена оперативна соработка за реадмисија. Дополнително, имајќи предвид дека повеќето од нерегуларните мигранти пристигнуваат во Република Северна Македонија најчесто од Република Грција, подобрувањето на билатералната соработка за реадмисија со Р. Грција е приоритет за земјата, па под покровителство на проектот на ИОМ за зајакнување на капацитетите за реадмисија на Западен Балкан се надеваме дека соработката може да се зајакне и да се потпише протокол за имплементација на спогодбата. Покрај тоа, нашата земја направи обиди да воспостави соработка за реадмисија со одредени земји на потекло, вклучувајќи ги Исламската Република Пакистан, Арапската Република Египет и Исламската Република Иран, но, за жал, досега нема значителен напредок во оваа област“, рече министерот Спасовски.
Во однос на шверцувањето мигранти, кое е тесно поврзано и со трговијата со луѓе, министерот Спасовски констатира дека последните години се зголемува бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, кои се главно сексуално експлоатирани, а идентификувани се и присилни бракови со малолетни лица.
„Меѓутоа, факт што особено загрижува и што ја алармира потребата од енергична акција на сите нас е континуираниот пораст на деца – жртви на трговија со луѓе. Имено, годинава идентификувани се 8 жртви на трговија со луѓе, од кои 7 се деца“, рече министерот Спасовски, при што се осврна на мобилните тимови составени од претставници од МВР, МТСП и невладините организации како успешен концепт со цел идентификување ранливи категории, меѓу кои и жртви на трговија со луѓе.
Во насока на исполнување на препораките на експертскиот тим на ГРЕТА, министерот Спасовски истакна дека неодамна беше формиран и Оперативниот тим за координација, следење, управување на случаи со трговија со луѓе, во кој, покрај претставници од државните органи (ЈО, МВР, МТСП), учествува и претставник од здружение на граѓани.
„Сите анализи и извештаи укажуваат дека трговијата со луѓе е еден од најпрофитабилните бизниси, често поврзана со шверцување мигранти, трговија со дрога, тероризам. Од тие причини, во сетот мерки што ги преземаме би го споменал значењето на водењето финансиски истраги што ги преземаме паралелно со истрагите за кривичното дело. Единствено, со одземање на главниот мотив поради кои трговците влегуваат во овој бизнис, а тоа се најчесто парите, можеме да креираме ефикасен одговор на овој криминал. За таа цел, во Министерството за внатрешни работи формиравме посебна единица за водење финансиски истраги, која е исклучиво надлежна за идентификување и пронаоѓање на незаконски стекнатиот имот“, рече министерот Спасовски, при што ги истакна активностите во овој домен што се водат на национално ниво: Националната стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискацијата со имот, која содржи конкретни акциски планови за развој на сите институции, кои се вклучени во водењето на финансиските истраги, привременото замрзнување и подоцнежна конфискација на нелегално стекнатиот имот.
Според Спасовски, почнувањето на пристапните преговори е силен поттик за забрзување на нивното имплементирање и спроведувањето на реформските процеси, а кои ќе придонесат кон посилна и подемократска држава, но и подобро живеење на граѓаните
„Нашиот приоритет е да ги имплементираме европските стандарди во секојдневното работење. Во овој период во нашата држава се спроведуваат интензивни подготовки за билатералниот состанок за Поглавјето 24, кој ќе се одржи на 21 ноември во Брисел. Преку анализа на сите релевантни ЕУ-прописи за Поглавјето 24, во корелација со нивното досегашно имплементирање во нашата држава заеднички ќе утврдиме насоки за понатамошен развој на сите сегменти на нашето работење“, истакна министерот Спасовски потенцирајќи дека МВР продолжува со активности со заедничка акција на сите фактори и во партнерство со меѓународната заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСЧП донесе пресуда во корист на затвореник кој бил тепан од полицаец во „Идризово“
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот Комитет за човекови права информираат дека Европскиот суд за човекови права вчера донесе одлука по пат на унилатерална декларација во предметот Фитим Муслиу против Северна Македонија, поднесена на 30 август 2022 година.
Предметот се однесува на настан од 3 август 2020 година, кога осудено лице било физички нападнато и тепано од припадник на затворската полиција пред кантината во затворот „Идризово“. Како последица на нападот, затвореникот се стекнал со телесни повреди.
Во врска со настанот беше поднесена кривична пријава до ОЈОГОК против командир на затворската полиција во КПД Идризово за кривичните дела „Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување (член 142 став 1 од КЗ), Малтретирање во вршење на службата (член 143 од КЗ) и Расна и друга дискриминација (член 417 став 1 од КЗ). Кривичната пријава беше отфрлена, по што беше поднесена жалба до Вишото јавно обвинителство, кое го потврди решението на ОЈОГОК.
Пред Судот во Стразбур, апликантот се жалеше на повреда на член 3 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), тврдејќи дека бил изложен на нечовечко постапување од страна на затворски службеник и дека домашните власти не спровеле ефективна истрага за наводите.
Според МЗМП и Хелсиншкиот Комитет за човекови права оваа одлука ги потврдува долгогодишните системски недостатоци во затворскиот систем, како и неефикасноста на внатрешните и надворешните механизми за пријавување и гонење случаи на тортура и нечовечко или понижувачко постапување кон осудените лица.
„Ја поздравуваме одлуката на Судот и потсетуваме дека според неговата утврдена пракса, државата има позитивна обврска согласно член 3 од ЕКЧП да ја заштити физичката благосостојба на лицата лишени од слобода, кои се во особено ранлива положба бидејќи се под целосна контрола на властите. За таа цел, државата мора да преземе навремени и ефективни мерки за истрага и санкционирање на одговорните лица“, се наведува во соопштението и се додава дека оштетениот бил застапуван од адвокат Диме Ѓорчевски од Скопје, член на тимот на адвокати на МЗМП.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС не му го спомнаа името на Груби на собраниска седница, од што се плашат Заев, Филипче и Спасовски?
СДС наместо да застане на страната на правдата и одговорноста, продолжува да го релативизира и штити криминалот на Артан Груби. Наместо да се дистанцираат, СДС на чело со Филипче координирано го бранат Груби. СДС го штитат Груби повеќе дури и од што го штитат менторот Заев и Филипче, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС се толку многу исплашени и бегаат од темата за Артан Груби што на собраниска седница за пратенички прашања ниту поставија прашање, ниту пак името му го спомнаа. СДС се толку вознемирени и нервозни од апсењето на Артан Груби поради стравот од сведочењето на Груби и неговите изјави кои може да повлечат и поранешни високи функционери на СДС. Тренчевска со сите сили се потруди да ја колективизира одговорноста за одлуките на тогашната влада на СДС и ДУИ. Потпретседателката на СДС Јована Тренчевска истакна дека одлуката на тогашната влада, каде се сомничи за криминал Артан Груби, била колективна, и според неа не било фер само Груби да добие кривична, туку требало да добијат и другите министри кои присуствувале на седницата, односно цела тогашна влада“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали со ова СДС се подготвени да жртвуваат одредени нивни функционери се со цел да го заштитат Груби и што знае Груби па цела СДС се плаши за да не посведочи за одредени криминали?
„Дали Вице Заев, Оливер Спасовски и Венко Филипче се плашат од тоа што ќе каже Артан? СДС знаеше за криминалот во Државна лотарија и молчеше за спас на коалицијата со ДУИ. Граѓаните очекуваат правда, никој не смее да биде над законите. Заврши времето на политичка заштита на поединци, време е за транспарентност и владеење на правото. Одговорност мора да има за секој за кој ќе се утврди вина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

