Македонија
(Видео) Спасовски го најави полицискиот час и појасни во кои ситуации ќе се прават исклучоци од забраната
„Објавувам дека Владата донесе одлука за уште една мерка што за првпат во историјата се воведува на територијата на целата земја. Владата донесе најрадикални мерки за да го зачуваме здравјето на сите граѓани“.
Вака премиерот Оливер Спасовски на вонредна прес-конференција го најави воведувањето на полицискиот час, односно забраната за движење од 21 до 6 часот, секој ден.
„Нема компромис кога здравјето на граѓаните е во прашање. Повторувам дека веќе ништо не е исто. Животот радикално се промени, како кај нас така и во целиот свет. Тоа бара и менување на нашето секојдневие. Затоа ја носиме оваа мерка, а врз основа на стручно мислење од Комисијата за заразни болести“, рече тој.
Забраната за движење од 21 до 6 часот ќе почне од утре. Од оваа забрана се исклучуваат лица кои имаат потреба од итна медицинска помош, кои се во животно загрозувачка состојба, лица кои одат на дијализа. Тие лица можат да бидат во придружба на најмногу уште двајца.
Ако нивното возило биде запрено од полицијата, дополнително ќе се проверува зошто се тие лица излезени и ќе се бара медицинска документација како потврда.
Директорите на здравствените установи ќе изготват список на лица кои ќе имаат потреба за движење надвор од лимитираното време преку издавање на посебни пропусници и легитимации.
„Со тоа, МВР ќе има комплетен увид за движењата во овој временски период“, рече Спасовски.
Со оваа мерка не се опфатени припадниците на МВР, Армијата, Противпожарните служби и лицата вработени во Комуналната хигиена кои во моментот се на работна смена.
Во овој период, ќе се ограничи и бројот на дежурни аптеки, односно ќе се одредат само одреден број аптеки кои ќе дежураат во периодот на забраната.
Такси компаниите се задолжуваат да воведат дежурства со ограничен број возила кои ќе превезуваат до болница или до аптека, а таксистите ќе бидат задолжени да носат заштитна маска и ракавици.
Со оваа мерка, се забрнува и движењето на возила од јавниот превоз. Телекомуникациските служби, водовод, Топлификација и останатите, ќе можат да излезат на терен само по претходна најава на телефонскиот број во МВР.
Останува забраната за собирање во групи на повеќе од пет лица во период од 24 часа.
Директорите, управители на погони, фабрики и сите институции ќе треба согласно ова да го прилагодат работното време.
Воедно, во аптеките и установите каде плаќањето се одвива на каси или шалтери ќе се ограничи бројот на купувачи и клиенти, согласно бројот на каси или шалтери, односно, како што рече Спасовски, „колку каси или шалтери, толку и луѓе“.
„Потребно е секој од нас да се прилагоди на оваа максимално загрижувачка ситуација. Ако сакаме да си ја заштиме нацијата треба да се однесуваме вонредно и одговорно“, нагласи Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.
Македонија
Минчев – Рокас: Остануваме доследни во заложбата за создавање професионална и ефикасна администрација, целосно департизирана
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија, посветена на тековните реформски процеси во јавната администрација и нивното понатамошно усогласување со европските стандарди и принципи на добро управување.
Во рамки на разговорите беа разгледани повеќе системски закони од клучно значење за функционирањето на администрацијата: Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, со осврт на доставените мислења и препораки од СИГМА, Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и Законот за Влада.
На средбата беа разменети ставови околу потребата од јасна, предвидлива и долгорочно одржлива нормативна рамка што ќе обезбеди професионализација, стабилност и институционална одговорност.
Посебен акцент беше ставен на јакнењето на мерит-системот, транспарентноста и отчетноста во институциите, како и на значењето на експертската поддршка во процесот на креирање квалитетни законски решенија.
Министерот Минчев ја нагласи определбата за континуиран и конструктивен дијалог со Европската Унија во насока на продлабочување на реформите.
„Остануваме доследни во нашата заложба за создавање професионална и ефикасна администрација, целосно департизирана и темелена врз јасни правила, стручност и одговорност. Поддршката и експертските ставови од Европската Унија претставуваат значаен чекор кон креирање решенија што ќе обезбедат долгорочна одржливост и зголемена доверба во институциите“ нагласи министерот Минчев.
Македонија
Шведско-македонската стопанска комора отвора канцеларија во Кисела Вода: нови можности за локалниот бизнис
Денес во просториите на Општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска оствари средба со Самуил Наумовски Викиус, извршен директор на Шведско-македонската стопанска комора. Оваа стопанска комора, која официјално започна со функционирање во октомври 2025 год., наскоро ќе ја отвори својата канцеларија во населбата Црниче, токму на територијата на општина Кисела Вода, информираат од таму.
„Зад комората стојат 35 етаблирани шведски компании кои имаат јасна визија и желба да бидат економски мост помеѓу Шведска и Македонија. Токму овој економски мост е клучниот столб околу кој ќе се развива идната соработка со домашната бизнис заедница. Оваа средба претставува прв чекор кон реализација на заедничките цели за поддршка на стопанството и отворање нови пазари за локалните компании.
Ваквите активности се во директна корелација со програмата на градоначалничката Стаменкоска Трајкоска во делот за Локална стратегија за економски силна општина. Преку проекти за унапредување на локалната бизнис клима, Општината активно работи на подобрување на инфраструктурата, модернизација на административните услуги и директна поддршка на малите и средни претпријатија“, стои во соопштението.
Целта, како што е појаснето, е да се унапредат условите за поефикасно водење бизнис, зголемена конкурентност и привлекување на нови инвестиции, кои ќе резултираат со нови работни места и одржлива локална економија.
-Оваа иницијална средба го потврдува нашиот фокус кон економскиот развој и градењето стабилни партнерства. Фактот што Шведско-македонската стопанска комора ја отвора својата канцеларија токму кај нас, во Кисела Вода, потврдува дека како општина создаваме услови кои се препознаени од меѓународната бизнис заедница. Нашата намера е да бидеме активна поддршка на овој економски мост што се гради меѓу шведските компании и македонското стопанство. Преку мерките за модернизација и поддршка на малите и средни претпријатија кои се дел од нашата стратегија, обезбедуваме основа за нови инвестиции и долгорочен економски раст. Кисела Вода продолжува да се позиционира како општина која активно ги поддржува деловните иницијативи и гради стабилна основа за просперитет на сите граѓани-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

