Македонија
Спасовски до „Пријатели на проширувањето“: Создадени се сите услови да почнат преговорите на ЕУ со Северна Македонија
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, денеска ја прими делегацијата на министрите за надворешни работи на Република Полска, на Република Летонија (Латвија), на Република Литванија и заменик-министерот за надворешни работи на Република Естонија, кои ја сочинуваат групата „Пријатели на проширувањето“.
Премиерот Спасовски им посака добредојде и успешна посета, која се остварува во истиот ден кога Европската комисија го објави мини извештајот за Северна Македонија, во кој констатира значаен напредок, што целосно се совпаѓа со мисијата на групата земји „Пријатели на проширувањето“ на ЕУ.
На средбата во Владата, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, премиерот Спасовски истакна дека оваа посета е израз на голема поддршка и силно пријателство на Северна Македонија со земјите претставени во групата „Пријатели на проширувањето“, како и со сите други земји членки на ЕУ, и дека доаѓа во моменти кога нашата земја станува членка на НАТО и кога очекуваме позитивна одлука за почеток на преговорите со ЕУ.
„Ја изразуваме нашата благодарност за вниманието и за отворените јавни изјави со поддршка за Северна Македонија и за што побрзо отворање на пристапните преговори, особено во претстојниот клучен период. Тоа се позитивни сигнали за нашата посветеност и храброст во спроведување на тешките реформски потфати, како и за постигнувањето на договорот од Преспа и договорот со Бугарија и за спроведувањето на одредбите од тие договори“, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија, Спасовски.
Премиерот Спасовски рече дека новата методологија отвора можност за суштинско унапредување на процесот на преговори, за предвидливост и цврсто почитување на принципот на заслуги и ја враќа кредибилноста на ЕУ во земјата и регионот.
„Ние сакаме да бидеме пример за регионот во примената на новиот пристап. Очекуваме одлука за преговори за да биде означен почетокот на еден динамичен и напорен процес“, нагласи премиерот Спасовски.
Министрите за надворешни работи на Република Полска, на Република Летонија (Латвија), на Република Литванија и заменик-министерот за надворешни работи на Република Естонија, на оваа средба уште еднаш ја истакнаа нивната силна и непоколеблива поддршка за отворање на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ и потенцираа дека стратешката грешка за неодобрување почеток на тој процес во октомври во 2019 година, ќе биде поправена во текот на претстојниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.

