Македонија
Спасовски: Заврши времето на двојните стандарди, битката против криминалот не трпи селективност
Во интервјуто за Радио Слободна Европа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ги коментираше обвинувањата од опозицијата во врска со наводни повластени криминални структури, категоризирајќи ги како комплетни дезинформации кои никако не соодветствуваат со реалноста.
Наведувајќи дека располага со информации за средби на дел од овие криминални структури токму со највисоките претставници на опозицијата, најверојатно поттикнати дека на тој начин ќе може да се помогне во некој друг аспект, тој порача дека овие активности не смеат да бидат со цел да се даде некаква политичка поддршка на било кој криминалец во државата.
Покрај ова, Спасовски истакна дека најголемиот дел од криминалните групи коишто опозицијата ги посочува во своите дезинформации, веќе се наоѓаат на издржување казна затвор и дека станува збор за достапни и лесно проверливи информации, додека за сите други криминални групи кои се занимаваат со рекет, уцени и други криминални активности, борбата интензивно продолжува.
„Не можете во исто време да имате борба против криминалните структури и да заштитувате некого. За тоа сведочат граѓаните, за тоа сведочат и сопствениците на угостителските објекти и оние кои ги посетуваат. Нема никаква селективност, бидејќи битката против криминалот не може да подразбира селективност. Заврши времето на наши и ваши, на заштитени и привилегирани, наспроти сите останати. Заврши времето во кое вие како политичар ќе преговарате за да амнестирате некои свои, кои што имаат криминални активности, визави т.н. „уставобранители“ коишто се во затвор, а за нив нема да гласате во Собранието. Знаете, тие двојни стандарди веќе не поминуваат“, потенцираше министерот Спасовски. Одговарајќи на прашањето до каде е истрагата за неодамнешното убиство на членови на криминални структури во угостителски објект под Кале, министерот Спасовски посочи дека има сериозен напредок во истрагата, со обезбедени добар дел аргументи, факти и докази коишто одат во прилог на целосна разврска на овој случај. „Мотивите се пресметки помеѓу криминални групи или внатре во криминална група и тоа на крај истрагата ќе го покаже и ќе го докаже. И токму тука сме насочени со акцијата ‘Безбеден град’ – да се оневозможи такви криминални структури да ги загрозуваат мирот, стабилноста и јавниот ред и мир на граѓаните. Затоа ќе бидеме уште пожестоки и поинтензивни, а оваа акција во следниот период ќе ја прошириме и по другите градови, бидејќи не сакаме да оставиме простор такви криминални структури да бидат формирани во било кој град во државата“, беше категоричен Спасовски.©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре и задутре во Тетово поради предизборни митинзи
СВР Тетово информира дека поради одржување на митинзи на политичките партии во рамки на предизборната кампања во следните два дена (недела и понеделник) ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на градот.
– Ќе се воведе посебен режим на сообраќајот и тоа по булевар „Илирија“од влезот на Тетово сè до плоштадот, односно кружниот тек со булевар „Илинденска”, при што нема да се дозволува паркирање на возилата низ булеварот. Исто така, за време на митинзите сообраќајот ќе биде пренасочен по другите улици, и тоа по улиците „ЈНА“, „Тодор Ципоски-Мерџан”, „Јане Сандански“ и улица „Никола Тесла“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Отттаму со апел возачите да бидат трпеливи и да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Ковачевски: Имаме задача да не се откажеме од европскиот сон за подобра и просперитетна држава за идните генерации
„Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон на земјата и да направи сè за Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Кичево.
Ковачевски истакна дека денеска кога чествуваме 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, важно е да се потсетиме дека низ историјата нашиот народ не се откажувал дури ни пред најтешките предизвици. Порача дека 8 мај е нов историски крстопат, денот кога сите прогресивни и демократски сили во државата треба да одлучат државата одлучно да продолжи на патот кон Европската Унија.
„Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации. Држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра“, рече Ковачевски.
Ако ВМРО ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власта, ќе стават рампа на патот на Македонија кон Брисел и ќе можеме да се збогуваме од ЕУ, истакна Ковачевски.
„Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ. Уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење на Македонија. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од ВМРО – ДПМНЕ“, истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ пред граѓаните на Кичево најави повисоки плати и пензии, пакети за поддршка на учениците и студентите, одговорна социјална политика и одлучна борба против криминалот и корупцијата.
Македонија
Проданоски: Експресниот пат Градско-Прилеп ни од далеку не е готов, да ставиме крај на лагите на СДСМ на 8 мај
Тука сме на лице место за да ги разобличиме лагите кои што СДСМ се обидуваат да ги пласираат до јавноста, рече Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
– Овде во Дреновската клисура каде што сме на самиот старт на почетни градежни активности, а за кои што слушнавме дека во 90 % експресниот пат е завршен. Овие се истите лаги исто како оние на почетокот на нивниот мандат кога Фејсбук и Гугл чекаа на граница, истите лаги како фабриката за автомобили во Тетово. Но, македонските граѓани треба да видат и да знаат дека овде на ова место е сам старт на почеток на градежни активности, а не е видлив ниту крајот на она како што тие сакаат да го пласираат. Да не зборувам тука и за третата фаза од експресниот пат за која што има обезбедено средства и за која што можеше исто да биде завршена ако не беа платени пеналите кон компанијата на која што и се бараше рекет за да остане да го гради автопатот и се изгуби значително голем период од изградба на патот и барање на друга компанија, рече тој.
На лагите од СДСМ им нема крај, овие лаги мора да завршат, затоа на 8-ми мај ве повикувам сите да заокружите број 2 за да и ова автопатско решение биде завршено и биде ставено во функција на секој граѓанин на Република Македонија, додаде Проданоски.