Македонија
Спасовски: Заедно со меѓународните партнери ги јакнеме националните системи за управување со границите и миграцијата
Денеска, почна дводневната министерската конференција за одржливо управување со миграциите во Западен Балкан во соорганизација на МВР со Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), а на која присуствуваат министри за внатрешни работи од регионот. Со свои обраќање учествуваат министерот за внатрешни работи на РСМ, Оливер Спасовски, постојан координатор на ОН во Северна Македонија, Росана Дуџијак, генерален директор на ИОМ, Антонио Виторино, а свое видеообраќање имаа и првиот заменик-премиер и министер за внатрешни работи на Чешката Република, Вит Ракушан, како и европскиот комесар за добрососедство, Оливер Вархељ.
„Многупати досега е истакнато дека менаџирањето на миграцијата е комплексен безбедносен предизвик, со кој се соочуваме и како држава и како регион во целина бидејќи Балканскиот Полуостров е дел од природниот коридор и крстосница на мигрантските рути и подрути, кои водат од Азија и Африка кон Централна и Западна Европа. Нелегалните миграции се секојдневна тема на дискусија и дејствување на полициските служби во нашиот регион и во Европа, каде што притисокот и транзитот на нелегалната миграција преку западнобалканската рута и во 2022 година останува висок, а криминалниот пазар со шверцување мигранти поради побарувачката за криминални услуги и понатаму е привлечен и профитабилен за криминалните групи. И на т.н. балканска рута регистрираме мрежи на организирани криминални групи, кои ги користат сите можности за да се стекнат со големи суми пари заработени на криминален начин“, истакна Спасовски.
Според него, актуелните воени и политичко-безбедносни кризи на Блискиот и на Средниот Исток, неповолната економска и социјална состојба во матичните земји влијаат за влез и транзит на нелегални мигранти низ нашата земја. Од друга страна, како што рече, годинава го имаме и развојот на украинската криза, која долгорочно ќе влијае на геополитичката стабилност и на одржувањето на безбедноста во светски рамки.
„Потпишувањето на договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија, што со гордост го промовираме последниов месец и на меѓународно и на национално ниво, за нас има повеќе значења. Пред сè, по ратификацијата на договорот, со цел обединување на силите и зајакната координација, се отвора можноста за распоредување персонал на Фронтекс на нашата територија. Со тоа дополнително ќе бидат регулирани и прецизирани политиките и практиките за заштита на границите, што ќе придонесе за јакнење на капацитетите за контрола на миграциите, особено на нелегалните. Тоа несомнено ќе доведе до одржливи и трајни решенија во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, посигурни граници и поголема безбедност на нашите граѓани и граѓаните на Унијата.
Уште еднаш би сакал да потенцирам дека мораме да продолжиме како одговорни институции да го градиме капацитетот за одржливо управување со миграциите. Мораме да вложуваме во дополнителна обука на органите за спроведување на законот, да продолжиме да инвестираме во материјално-техничките средства, особено во информациските технологии, кои може значително да помогнат во одговорот во оваа област“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.

