Македонија
Спасовски за „бомбашите“: Има група, кога ќе имаме докази, ќе има и кривична

МВР продолжува со истрагата за откривање на лицата што се закануваа со бомби.
Министерот Спасовски соопшти дека за сега не може да даде каква било информација до каде е истрагата, но дека јавноста навремено ќе биде известена за сè.
„Истрагите се водат во институциите, а не во медиумите и јавноста. Сега не може да се соопштат детали, кога ќе може, ќе се соопштат на време. Најдобро е да се следат информациите што доаѓаат од релевантните институции. Сега има многу информации, но и дезинформации“, рече Спасовски.
Тој додаде дека во моментот се истражува група и кога ќе бидат обезбедени потребните докази, ќе биде поднесена кривична пријава.
„Во однос на истрагата, има група, еден кластер за кој се преземаат низа истражни дејства, само ова може да се каже засега. Кога ќе добиеме повеќе докази, ќе биде поднесена кривична пријава. Ова е петта пријава до сега. Три се во Скопје, една во Кавадарци и една во Делчево. Кога ќе се завршат постапките од истражните дејства, јавноста ќе биде известена“, изјави Спасовски.
Изминатиот период голем број институции, трговски центри, станбени и деловни објекти беа под закани за поставени бомби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Целосно нормализиран сообраќајот на граничниот премин Блаце, на другите премини нема подолги задржувања

Од 09:00 часот, сообраќајот на граничниот премин Блаце е целосно нормализиран за сите видови возила, соопшти АМСМ.
Поради завршување со градежните работи на “Санација на мостот преку река Вардар кај Башино село” на регионален пат Р1312 , делница Башино Село-Велес, од 08.07.2025 година се воспоставува нормален режим на сообраќај во двата правци.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Грант од 5,5 милиони евра за обнова на државните студентски домови: Јаневска очекува работите да почнат до крајот на годината

Буџетот за реализација на проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Македонија се зголемува за 5,5 милиони евра, информираат од МОН. Станува збор за неповратни средства кои ги обезбеди Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, односно преку Програмата за регионална енергетска ефикасност, а за што денес Министерството за образование и наука и Министерството за финансии потпишаа договор со Германската развојна банка.
Грантот, како што е соопштено е наменет за покривање на дел од трошоците за реконструкција на четири државни студентски домови во рамки на втората фаза од проектот – „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Орде Чопела“ во Прилеп и „Томе Стефановски – Сениќ“ во Скопје, чии објекти ќе ги исполнат стандардите за речиси нулта енергетска потрошувачка.
На потпишувањето на договорот, министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека младите се најважни граѓани на Македонија и Владата е посветена да им обезбеди услови за добро образование, работа и живот, за потоа да возвратат со учество во нејзиниот развој. Меѓу приоритетите е промена на сликата во студентските домови, кои, како што рече, се објекти каде младоста ги создава најубавите спомени на многу студенти од секоја генерација.
„Со добивањето на овој грант, буџетот на проектот изнесува над 30 милиони евра и среќна сум што продолжуваме со реконструктивни активности во нови објекти. Очекувам градежните работи во четирите домови да почнат до крајот на годината“, рече Јаневска, информирајќи дека во активен процес на реконструкција се домовите „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје и многу наскоро ќе станат модерни и енергетски ефикасни.
Во третата фаза се студентските домови „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“ во Скопје и „Кочо Рацин“ во Битола. Средства за завршување на втората и за третата фаза, ќе се обезбедат повторно во соработка со Германската развојна банка и Европската унија.
„Денешното потпишување на Договорот за грант е потврда за нашата посветеност кон создавање подобри услови за живот и образование за младите луѓе во Македонија.
Станува збор за проект кој не е само инфраструктурна инвестиција, туку и инвестиција во иднината – во достоинствени услови за нашите студенти и во заштеда на енергија на долг рок“, рече министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Енергетски ефикасната санација на студентските домови претставува конкретен придонес и непосредно помага да се подобрат условите за живот на младите во градот. На тој начин ја јакнеме и енергетската сигурност во Северна Македонија“ изјави Амбасадорката на СР Германија, Петра Дрекслер.
Според директорот на Германската развојна банка за Југоисточна Европа и Турција, Клаус Милер, покрај ефикасното користење на енергијата, главната придобивка од оваа програма е подобрување на условите за престој и учење.
На потпишувањето на договорот се обрати и евроамбасадорот Михалис Рокас кој потврди дека ќе биде обезбедена поддршка за понатамошно спроведување на инвестициската активност.
Проектот предвидува темелна енергетски ефикасна реконструкција на државните студентски домови, со поставување на нови фасади, прозори, системи за греење и осветлување, со цел да се постигне заштеда на енергија од 30% до 50% во однос на сегашната потрошувачка и да се обезбеди модерен и удобен простор за живеење на студентите. Покрај енергетски ефикасната санација, целта е да се интервенира и во можните конструктивни проблеми на објектите со цел да се продолжи нивниот век на траење и да се подобри нивната статичка стабилност.
Македонија
(Видео) Кризна состојба од 30 дена поради пожарите во државата, прогласи Владата

Портпаролката на Владата, Марија Митева на прес-конференција соопшти дека во државата се прогласува 30 дневна кризна состојба поради ситуацијата со пожарите во државата.
Одлуката како што образложи Митева ја донела Владата по денешните состаноци и поради сложеноста на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина.
„Ова на терен значи се овозможува интегриран пристап и координирано дејстување на сите надлежни институции, Армијата, полицијата, противпожарната, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите ресурси, човечки, технички, логистички, со цел да се справиме со пожарите и заштита на населението“, посочи Митева.
Појасни дека Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја заради спречување поголеми последици.
„Државата ќе биде таму каде што е најпотребно“, додаде таа.
Ги повика граѓаните на максимална внимателност и почитување на забраните поради пожарите.