Македонија
Спасовски: За 50 проценти намалени обидите за илегален премин на јужната граница
Денеска, во Кавадарци, во седиштето на Регионалниот центар за гранични работи „Југ“, министерот за внатрешни работи заедно со дел од раководстово на МВР оствари средба со раководството на оваа организациска единица, а во рамките на традиционалните средби кон крајот на секоја тековна година, за да се сумираат резултатите од сработеното, но и да се изврши преглед со цел утврдување на приоритетите за идната година. Регионалниот центар за гранични работи „Југ“, кој е домаќин на денешната средба, активно работи во делот на справување со илегалната миграција и шверцувањето мигранти, на спречување и санкционирање на прекуграничен криминал, вклучувајќи го криминалот со моторни возила и фалсификување документи, но и по неколку актуелни и активни оперативни акции.
„Генерално, овој Регионален центар годинава бележи зголемување од 43 % на откриените кривични дела постапувајќи по 25 разни основи од Кривичниот законик. Најзначајното зголемување е кај кривичните дела фалсификување исправи, и тоа за 114 %, давање поткуп за 300 %‚ потоа кражба, давање лажни докази и сл. Што се однесува до прекуграничниот криминал, кој во најголем дел е откриен на ГП Дојран, ГП Богордица и ПС Михајлово, откриените фалсификувани документи бележат зголемување од 39 %, за 20 пати е евидентирано зголемување на откриениот криминал со моторни возила, а за 8 пати на откриениот криминал со цигари“, истакна Спасовски во изјава за медиумите по реализираната средба. Притоа тој ги сподели податоците за кои беше брифиран од раковдството на оваа организациска единица, а кои се однесуваат на протокот на патници на јужната граница и обидите за илегален премин на истата.
„Во однос на обидите за илегални преминувања, иако најголемиот притисок со години е токму на границата на Република Северна Македонија со Република Грција, годинава имаме за 50 % намалување на бројот на обидите за илегално преминување на границата, односно отворање нови рути во соседните држави. Тоа се должи на зајакнатите мерки и поефикасната контрола како на самата гранична линија така и преку работењето на пунктовите во внатрешноста и, секако, вклученоста на припадниците на Фронтекс. Бројот на откриени случаи на шверцување мигранти е сличен со минатата година, но ако го земеме предвид фактот дека бројот на мигранти во 2023 е намален за половина од лани, тоа говори за поголема ефикасност при откривањето на овие кривични дела во 2023 година. Во оваа пригода не можам, а да не го споменам зголемувањето на протокот на патници во однос на минатата година, и тоа за 25 %, односно јужната граница во овие 11 месеци ја поминале речиси 5,8 милиони патници, а најфреквентен е ГП Богородица, каде што зголемувањето изнесува цели 30 %. Во однос на другите активности по споменатите оперативни акции, РЦ „Југ“ бележи зголемување за 110 % на откриениот криминал со огревни дрва, а за 6 пати се зголемени откриените случаи на шверц со наркотици“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

