Македонија
(Видео) Спасовски: Имавме генерално мирна новогодишна ноќ
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски новогодишната ноќ ја оцени како мирна и без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Тој кажа дека се регистрирани 16 кривични дела, од кои најмногу на територијата на полицијата во Тетово. Станува збор за насилство, кражби и прекршување на мерките за заштита од коронавирус.
„ Генерално имавме мирна новогодишна ноќ на територијата на целата држава, без нарушувања на јавниот ред и мир. На целата територија се регистрирани 16 кривични дела од кои што пет се на подрачјето на СВР Тетово, по три се на подрачјата на СВР Скопје, СВР Струмица, СВР Охрид и по едно кривично дело на СВР Велес и СВР Штип. Од нив, пет кривични дела се во врска со непостапување според здравствените прописи за време на епидемија констатирани преку контроли на угостителски објекти, три тешки кражби, две неовластено производство и пуштање во употреба на наркотични дроги и по едно дело кражба, тешка телесна повреда, односно, насилство и напад на службено лице, телесна повреда при семејно насилство и загрозување на безбедноста во сообраќајот“, рече Спасовски.
Во однос на прекршоците, според министерот Спасовски, регистрирани се 13 интервенции.
„ Од страна на полицајците се евидентирани само 13 прекршоци во државата. Четири прекршоци се омаловажување на службено лице, по два физички напад, и по еден карање, викање и непристојно дрско однесување; употреба на пиротехнички средства и предизвикување односно учество во тепачка. За време на новогодишната ноќ немало сообраќајни незгоди со последица смрт“, додаде Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

