Македонија
Спасовски и Паскал од Вашингтон: Заеднички ќе успееме во безвизниот режим
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Вашингтон, САД, оствари средба со Боб Паскал, прв заменик-помошник секретар за меѓународни работи во Одделот за внатрешна безбедност на САД.
Истакнувајќи дека средбата е симбол на зајакнатото партнерство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, во делот на внатрешната безбедност, Спасовски се заблагодари за поддршката и помошта што ја добиваме од Соединетите Американски Држави, од овој оддел, од одделот за правда и од Стејт департментот, особено преку ИЦИТАП-меѓународната програма за помош за обука во криминалистичката истрага.
„Нашиот ангажман за зајакнување на внатрешната безбедност е од суштинско значење за заштита на нашите граѓани и зачувување на демократските вредности. Во таа насока од огромна важност би било спроведувањето заеднички тренинзи, размена на информации и заеднички операции во вид на меморандум за соработка, со цел значително да придонесеме кон справувањето со транснационалниот криминал, тероризмот, сајбер-заканите и другите современи безбедносни предизвици“, рече министерот Спасовски додавајќи дека експертизата, вложените ресурси и искуства од САД се од непроценлива вредност во подобрување на способностите на органите надлежни за спроведување на законите и, генерално, во соработката помеѓу двете земји за која се обврзуваме да ја надградуваме и во иднина.

Од страна на првиот заменик-помошник секретар за меѓународни работи, Боб Паскал, беше истакнато дека САД ги цени партнерствата со трети земји, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија.
„Сите ваши напори што ги правите како држава можеме да кажеме дека е во топ-10 земјите што соработуваат со САД во борбата против тероризмот и тоа многу го цениме, тоа е битно за безбедноста на сите граѓани“, рече Паскал.
Двајцата соговорници, Спасовски и Паскал, разговараа и за програмата на САД за безвизен режим, како и за актуелните состојби во делот на илегалната миграција и граничната безбедност, кои се од исклучителна важност за безвизниот режим. Притоа заклучокот од разговорите беше дека заеднички треба да се направи сѐ добрите граѓани безгрижно да патуваат, а на другите да им биде отежнато и оневозможено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

