Македонија
Спасовски и Фик од Вашингтон: МВР покажа исклучителна подготвеност во справување со сајбер заканите
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работната посета на Вашингтон, Соединетите Американски Држави, оствари средба во Стејт Департментот со амбасадорот за сајберпростор и дигитална политика, Натаниел Фик.
Потенцирајќи го ангажманот на МВР на Република Северна Македонија во развивањето и спроведувањето на силна дигитална политика и стратегии за сајбер безбедност како суштинско значење за заштита на нашите граѓани и инфраструктура, Спасовски ја истакна подготвеноста за справување со сајбер заканите.
„МВР на Република Северна Македонија покажа исклучителна подготвеност во справувањето со овој вид на закани, при што се формираше меѓу секторска криминалистичка обработка помеѓу Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал , Секторот за компјутерски криминал и Секторот за меѓународна полициска соработка, со цел успешно справување, размена на информации, обезбедување на електронски докази, размена на информации преку меѓународните канали (Интерпол, Европол), контакт со меѓународни Интернет Сервис провајдери, VPN сервиси и др. Со ова на ум, сакам да споделам некои од клучните области на кои нашето министерство се фокусира”, рече Спасовски. Притоа, тој го информираше амбасадорот Фик за националните капацитети и унапредувањето на меѓународната соработка на стратешко ниво.
„Прво, ние сме посветени на засилување на нашите национални капацитети за сајбер одбрана. Ова значи инвестирање во најновите технологии, обука на нашиот персонал и спроведување на редовни вежби за да бидеме подготвени за хибридни закани. Тука би го споменал капиталниот проект во насока на градење на дигитална инфраструктура со современ ИКТ податочен центар за опоравување од катастрофи. Тоа е back-up (резервна база) за клучните, витални информациски системи во земјава и ќе гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем и исто така ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор. Второ, меѓународната соработка и партнерство се камен темелник на нашата стратегија. Соработката со сојузниците и партнерите од НАТО, со Соединетите Американски Држави, е клучна за размена на информации, ресурси и најдобри практики. Ние сме ангажирани да градиме и учествуваме во мултилатерални иницијативи за да се спротивставиме на сајбер заканите на координиран и ефикасен начин. Тоа особено беше евидентно за време на хибридните напади изминатата година, со лажни дојави за екплозивни направи во над 700 државни објекти, а за кои реагиравме и успешно се справивме со воспоставување на посебни безбедносни протоколи”, истакна Спасовски, додавајќи дека поддршката од Соединетите Американски Држави ќе се продлабочи, дејствувајќи и како „одвратувач“ за одредени актери, но и бедем кој цврсто ќе стои гарантирајќи ја безбедноста на сајбер просторот и воопшто на целата инфраструктура.
Притоа, Спасовски изрази формално барање за натамошна поддршка и помош во развивањето на системот за сајбер безбедност и заштита на критичната инфраструктура на Република Северна Македонија, области чие што значење и безбедност се еден од приоритетите на државата.
Од страна на амбасадорот Натаниел Фик беше поздравен успехот со изградбата на ИКТ центарот во Прилеп кој овозможува заштита на дигиталните податоци на државните институции. Тој му честиташе на министерот Спасовски за успехот во организацијата и гарантирањето на безбедноста на Самитот на ОБСЕ во Скопје, при што истакна дека продолжува унапредувањето на соработката помеѓу САД и Република Северна Македонија. Воедно, Спасовски и Фик се согласија заеднички да се работи на имплементација на Националната стратегија за сајбер безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

