Македонија
Спасовски – Кузмички: Владеењето на правото и борбата против организираниот криминал се приоритет за секоја држава
Во рамките на активностите за следење на имплементацијата на проектите што се дел од Инструментот за претпристапна помош (ИПА), министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска имаше средба со Мојца Кузмички, проектен лидер во рамките на проектот „ЕУ-поддршка за владеење на правото“ – ИПА 2020 и лидерот на компонентата 2, Гунтер Бехтлоф.
На состанокот, покрај министерот Спасовски, учествуваа и помошник-директорот од Одделот за криминалистичка полиција, Оливер Лукароски, и началникот на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Ветон Кранлиевски, а целта беше кратка презентација и запознавање со проектот што почна со имплементација на 18 јануари 2021 година и ќе трае 5 години.
Министерот Спасовски на средбата истакна дека му претставува задоволство што како имплементатор на активностите во рамките на компонентата 2 од проектот се јавува токму Министерството за внатрешни работи на Република Австрија, со кое веќе имаме воспоставено одлични односи.
,,Владеењето на правото и борбата против организираниот криминал претставуваат врвен приоритет за секоја современа држава, во таа насока Република Северна Македонија вложува максимални напори да обезбеди непречено владеење на правото и спроведување на законите“, истакна Спасовски.
Кузмички рече дека општата цел на проектот е поддршка на владеењето на правото во согласност со европските и меѓународните стандарди.
За време на средбата беа презентирани активностите предвидени во рамките на компонентата 2, каде што Министерството за внатрешни работи е главен координатор и краен корисник, и беа презентирани досега преземените активности и резултатите од нив, како и идните активности што се планирани да се спроведат почнувајќи од следната недела.
Министерот Спасовски истакна дека проектот „ЕУ-поддршка за владеењето на правото“ е од исклучителна важност за нас и дека со имплементацијата на активностите предвидени во рамките на овој проект значително ќе се зајакнат капацитетите на институциите за спроведување на законот вклучително и на Министерството за внатрешни работи, при што на крајот од средбата и двајцата соговорници изразија уверување дека соработката ќе продложи и во иднина со зајакнат интензитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

