Македонија
Спасовски-Марин Лопез: Континуираната соработка е од големо значење за креирање услови за модерно полициско работење
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на покана на Агенцијата на Европската Унија за обуки за спроведување на законот (ЦЕПОЛ), оствари средба со директорката на ЦЕПОЛ, Мариа Монтсерат Марин Лопез, а во рамки на Берлинскиот процес, што се одржува во Тирана, Република Албанија.
Двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу МВР и ЦЕПОЛ е континуирана и од големо значење за креирање на услови за модерно полициско работење.
„Соработката помеѓу МВР и Агенцијата на Европската Унија за обуки за спроведување на законот (ЦЕПОЛ), ја започнавме во 2017 година со Работен аранжман кој овозможи учество на службеници за спроведување на законот на Република Северна Македонија на обуки на ЦЕПОЛ, како и учество на службеници за спроведување на законот од ЕУ, кои работат во областа на правдата и внатрешните работи на обуки организирани од страна на Центарот за обука на полиција на РСМ. Притоа, во последниве години соработката бележи особен пораст и се одвива непречено главно преку учество на службениците за спроведување на законот на РСМ на специјализирани/резидентни обуки скроени согласно Стратешката проценка за потреби од обука EU-STNA во организација на Агенцијата, како и преку учество на Програмата за размена на службеници за спроведување на законот. Со задоволство можам да констатирам дека досега околу 120 преставници од МВР ги посетиле обуките на ЦЕПОЛ за размена на најдобри практики”, рече Спасовски, додавајќи дека од големо значење е зајакнувањето на капацитетите на властите на Западен Балкан во борбата против организиран криминал и тероризам.
„Тука би го споменал и проектот кој се реализира од 2020 година „Партнерство против криминалот и тероризмот во Западен Балкан (CEPOL WV PaCT)“ кој произлезе од Декларацијата од Софија и стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан, во која Европската Унија споделува многу безбедносни закани со Западен Балкан и работи посветено на зголемување на оперативната соработка со регионот во борбата против организираниот криминал и тероризмот. Од големо значење за нас како држава е зајакнувањето на капацитетите на властите на Западен Балкан во борбата против организираниот криминал и тероризмот, вклучително и спречување и сузбивање на насилниот екстремизам преку зајакнување на соработката помеѓу земјите во регионот како и соработката со Европската Унија”, истакна Спасовски, со уверување дека МВР стои на располагање за сите идни активности на ЦЕПОЛ, а воедно ја изрази и отвореноста за продлабочување на веќе добрата соработка во сите области од заеднички интерес, а кои подразбираат квалитативно надградување на сите аспекти на модерното полициско работење.
Директорката на ЦЕПОЛ, Мариа Монтсерат Марин Лопез, рече дека следната година заедно со нејзиниот тим ќе ја посетат Република Северна Македонија, при што ќе биде презентиран нов пакет на обуки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

