Македонија
Спасовски: МВР од заробена, до институција со највисока доверба и транспарентност
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на последната собраниска седница со пратенички прашања за оваа година имаше можност да одговара на следното пратеничко прашање: Пред некој ден на брифинг со новинарите рековте дека истражувањата покажуваат дека сме најбезбедна земја на Западен Балкан, а МВР меѓу најтранспарентните институции. Врз база на кои истражувања и какви се конкретните податоци?
„Република Северна Македонија е најбезбедна од земјите на Западен Балкан, со скок од 67 места во 2017 година и четири позиции повисоко рангирана од лани. Или, според Глобалниот индекс на мир (GPI – Global Peace Index), годинава сме во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот. Проценувајќи неколку аспекти на мирот, вклучително општествена безбедност, Глобалниот индекс на мир е корисна алатка за анализа до каде сме стигнале во нашите заложби. “, потенцираше министерот Спасовски.
Спасовски рече дека ако се навратиме на 2017 година, од кога нашата држава бележи континуиран напредок на листата на најбезбедни држави во светот која секоја година ја прави Институтот за економија и мир, не може, а да не ги реафирмираме трите важни приоритети кои ова раководство на Министерството за внатрешни работи ги постави пред себе: професионализација, департизација и декриминализација. Според нивната тежина, тоа беа најважните суштински прашања со цел да се врати чувството на безбедност и сигурност кај граѓаните и секако довербата во институцијата.
Што се однесува до транспарентноста, министерот Спасовски истакна дека според резултатите на организациите кои се занимаваат со демократските права, слобода на медиумите и транспарентност на институциите МВР важи за една од најтранспарентните институции во земјава и регионот.
„Така, активната транспарентност на МВР од просечни 59.5% во 2016, во 2022 изнесува високи 91.7%, што претставува скок за 32.2%, поминувајќи три нивоа – од крајно затворена институција до многу добра активна транспарентност. Индексот на отвореност на МВР говори за 76.10% исполнетост на индикаторите за отвореност. Сето ова, но и секојдневниот однос и соработка со медиумите нѐ мотивираат да продолжиме со создавање отворена, отчетна и транспарентна институција пред граѓаните. Активната соработка со медиумите претставува вистински одраз на внатрешната политика на Министерството во насока на градење на довербата помеѓу граѓаните и полицијата.“, ги презентираше статистистиките за транспарентноста министерот Спасовски.
Министерот уште еднаш ги истакна позитивните бројки со кои министерството ја финализира годината како намалување на вкупниот криминалитет за 6% за разлика од минатата година, над 124 откриени дела во борбата со корупцијата, успешната борба со илегалната миграција, трговијата со оружје, најголемата уништена количина на дрога од над 10.4 тони оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

