Македонија
Спасовски: Нашиот македонски јазик е света обврска за сите нас
Премиерот Оливер Спасовски со видеопорака упати честитка по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
Пораката на премиерот Спасовски ви ја пренесуваме во целост:
„Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
Денеска го одбележуваме овој значаен ден во реалност која е современа, но неспорна: го зборуваме јазикот македонски, со нашата азбука, како официјално писмо. Македонскиот јазик ги помина сите фази на создавањето, на пробивот, на препознавањето, на кодификацијата и на признавањето.
Сега нам ни останува да го чуваме и унапредуваме. Таа наша обврска има уште поголема важност ако се има предвид улогата на големите дејци Мисирков и Конески.
Посебноста на македонскиот јазик е впишана во личната карта на нашата држава, во големото семејство на народи и на земји членки на Обединетите нации каде што покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик.
Македонскиот јазик се користи слободно, секаде, низ целиот свет.
Овој ден нè обврзува уште еднаш да испратиме јасна порака дека оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ. Токму поради тоа, Владата го прогласи 5 мај за Ден на македонскиот јазик. Тоа е денот кога во 1945 година Народната влада на Федерална Македонија го објави решението за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо на нашиот јазик.
Денес наш приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како наш постојан влог за неговата иднината, а иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина.
Нашиот, македонски јазик, самосвеста за неговата закрила, коренот на нашето битие, заштитникот на нашиот идентитет и иднина е света обврска за сите нас.
Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покажеме дека се грижиме за него, преку начинот како го говориме, како го пишуваме, како го читаме македонскиот литературен јазик. Така даваме пример со каков јазик сакаме да раснат младите генерации.
Да го чуваме и унапредуваме и достојно да му го предаваме на сите генерации после нас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

